„Зелена алтернатива“ ќе одржи предавања за правилна подготовка на масло од канабис

Предавања за канабисот, од семе и садење, преку сув цвет готов за употреба, до финална изработка на екстракти од канабисто. Ова ќе биде фокусот на „Вечерното училиште“ кое го организира „Зелена алтернатива“ заедно со „Јавна соба“ и „Органик Гоушоп Мк“ во текот на месец мај.

Целта е да се информираат оние кои имаат потреба од лекување, да се обучат правилно да го изработуваат маслото од канабисот. Според организторите евидентно е дека дел од лицата на кои им е потребна помош, не можат целосно да се снајдат и сами да си помогнат и со цел на продолжување на континуираната едукација за канабисот.

Поради социјална сензитивност на темата се напоменува дека обуката е од образовен карактер и е наменета за лица на кои маслото/екстрактите од канабис им се најмногу потребни (заболени од рак и останати здравствени состојби).

Филип Достовски, претседателот и основач на Зелена Алтернатива вели дека тие едуцираат и кажуваат како да се направи масло за оние најкритичните категории.

– За оние кои се најгласни во осудата, имам прашање: Дали сте подготвени да сносите одговорност за оние кои се во критична здравствена состојба и не можат да чекаат декриминализација и дозвола да си произведуваат масло и да се лекуваат? Лекот е познат само треба да се чека одобрување? Ситуацијата многу наликува на нешто веќе видено, да не дозволиме да се повторува со загуба на многу повеќе човечки животи и заради тоа бараме поддршка да се забрза донесувањето на законот – вели Достовски.

Од здружението Зелена Алтернатива се едногласни дека во интерес на критичните категории на граѓани мора да се делува веднаш и бараат поддршка од сите.

– Важно е да се помогне пренесувањето на знаењето, тука медиумите играат клучна улога. Благодарни сме за нивната поддршка и повторно им се обраќаме со повик за соработка во текот на мај кога ќе имаме многу активности, освен Вечерното училиште со четирите модули ќе има и семинар на кој повторно еминентни професори ќе зборуваат за своите научни откритија за канабисот како билка, лек и ресурс – вели Достовски.

Овие предавања ќе имаат за цел и да се забрза донесувањето на Законот за декриминализација.

– Најголемиот бенефит ќе биде забрзување на донесување на законот во кој користењето нема да биде криминал, во Швајцарија канабисот веќе се продава во супермаркети – вели Рената Наумовска од „Зелена алтернатива“.

Предавањата же се одржуваат на 6, 13, 20 мај и 2 јуни со почеток во 18:00 часот во Јавна соба. Подетални информации околу програмата ТУКА.

За следење на секој модул, секој регистриран учесник купува билет од 150 денари во кој е вклучен еден пијалок. Местата за вечерното училиште се лимитирани и ќе бидат исполнети на принцип, прв пријавен – прв послужен. Регистрација за секој модул одделно е задолжителна и се врши со најава преку email: contact@publicroom.org со испраќање на: Име, Презиме – регистрација за вечерно училиште со зелена алтернатива.