Здравство: На хартија подобри од Бугарија, во пракса со методи од поранешна Југославија

Македонија е „ЕЗПИ ракета на сите времиња“, бидејќи ниедна земја не се качила 11 места на листата за само една година! Но, се чини дека застарените методи на лекување, што се употребуваат уште од времето на Југославија, го забавуваат напредокот. Овие контрадикторни ставови се искажани во извештајот за Европскиот здравствен потрошувачки индекс, кој го рангира македонскиот здравствен систем на 22. место на листата од 35 европски држави. Македонија со 649 поени се најде пред земји како Малта, Ирска, Латвија, Полска, Унгарија, Литванија и Грција.
Европскиот здравствен потрошувачки индекс секоја година го објавува шведска организација за анализа и информации за здравствената заштита, „Хелт консјумер пaуер хаус“ (Health Consumer Powerhouse).


Наспроти ваквата оценка, пациентите секојдневно се жалат дека во болниците нема апарати, нема реагенси или лекови… сведоци сме и на трагични случаи, особено во последните две недели. Колку извештајот ја отсликува реалната состојба?
– Индексот на „Хелт консјумер пaуер хаус“ е исклучително произволен и не ги претставува реално состојбите во земјите, вклучително и во Македонија. Тоа се однесува и на извештаите кога Македонија беше рангирана повисоко, како и сега кога е пониско. Неодамна група еминентни светски експерти целосно ја минимизираа методологијата преку која се прават овие истражувања. И ние, и експертите целосно се согласуваме со нивните критики – велат од истражувачката организација „Хелтгрупер“.
Оттаму додаваат дека во светски рамки постојат повеќе обиди да се направат индекси на рангирање на земјите според квалитетот на здравствените услуги.
– Речиси сите имаат свои недостатоци, а конкретниот извештај е оценет како најпроизволен и подложен на политички влијанија – нагласуваат од „Хелтгрупер“.
Министерството за здравство не се изјасни за наводите од извештајот.


Индексот анализира дека здравството во Македонија било на врвот во 2014 година, кога се најде на 16. место со 700 поени, за разлика од 555 поени и 27. место во 2013 година. Поради овој напредок, Македонија ја доби наградата „ЕХЦИ ракета на сите времиња“. Напредокот главно е постигнат поради воведување на Националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој термин“ и намалувањето на листите на чекање. Сепак, се наведува и дека македонскиот здравствен систем е далеку од совршен, и има уште многу работа кога станува збор за резултатите од медицинските третмани.
Инаку, претходната влада го промовираше „Мој термин“ како успешна приказна која ја преземаат и држави со многу поразвиено здравство, а актуелната влада најави дека ќе го надградува системот оти покажал недостатоци.
Европскиот здравствен потрошувачки индекс ги анализира националните здравствени системи врз основа на 48 индикатори кои вклучуваат области како што се правата и информираноста на пациентите, пристапот кон здравствена заштита, резултати од лекување, обем, и подрачје на услугите, превенција и користење фармацевтски производи.

Сунчица Стојановска Зоксимовска

Холандија има најдобро здравство во Европа

Најдобар здравствен систем во Европа има Холандија со 924 поени. Оваа земја константно е меѓу првите три во вкупното рангирање на Европскиот индекс уште од 2005 година. Веднаш зад неа се најде Швајцарија со 898 поени, Данска е на трето место со 864 поени, Норвешка заедно со Луксембург – се на четврто место со 850 поени, Финска на шесто место со 842 поени, Германија на седмо место со 836 поени, Белгија на осмо место со 832 поени, Исланд на деветто место со 830 поени и првите десет ги заокружува Франција со 825 поени.

Зад нас се Грција и Бугарија, пред нас е Србија

Подобро рангирани од Македонија се Србија на 21. место и Словенија на 16. место. Зад Македонија на листата се Црна Гора на 25. место, Хрватска на 26. место, Албанија на 27. место, Грција на 32. и Бугарија на 33. место.
Во пракса, многу интервенции што не можат да се прават во Македонија се прават во Бугарија, а и источниот сосед е дестинација каде што наши лекари одат за повисоки плати и за подобри услови за работа.
На последните две места се Романија и Кипар.