Зградите при крај, Јакимовски под истрага

Зградите што се градат во општина Карпош на земјиштето за кое се гони поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски, се при крај. Работниците веќе ја привршуваат градбата и не беа изненадени од новинарските екипи. Велат дека со повторното апсење на Јакимовски пак станува актуелно ова место, но дека нема врска со никаков криминал. Едната зграда ја гради „Дабар ДООЕЛ“, а другата фирмата „Тим инжинеринг“. Јакимовски, кој првин ја водеше општината како градоначалник од СДСМ, а вториот мандат го смени дресот и им стана противник, го заврши вториот мандат со обвинувања дека ја забетонира една од најзелените општини во Скопје со сомнителни договори. Откако ја изгуби функцијата прв човек на општина Карпош на последните локални избори, Јакимовски, кој е и лидер на опозициската партија ГРОМ, вчера наутро по втор пат беше приведен и однесен пред судија на претходна постапка.

Него заедно со осум други лица, четворица вработени во општината, раководители на оддели за експропријација и за урбанизам и четворица бизнисмени од градежниот сектор ги гони Обвинителството за организиран криминал и корупција за зделка во која земјиштето, заедно со објектите кај поранешниот ресторан „Имес“, биле легализирани, а потоа продадени за речиси трипати повисока цена на позната градежна компанија. За Јакимовски и уште двајца вработени во општината се бара притвор, а за другите осомничени мерки за претпазливост. Сомнежите за ова земјиште се појавија во предизборната кампања на СДСМ во оваа општина откако Душко Весковски од СДСМ обвини дека плацот од фирмата „ГРОМ промет ДООЕЛ“ бил купен за само 11 илјади евра, за потоа истото земјиште по два месеца било продадено на друга фирма за 600 илјади евра.

Монтажни бараки биле легализирани

Според МВР, компаниите „Гром промет“, ЕМАГ, ДОТ „Мебел“ и уште едно физичко лице побарале утврдување на правен статус, односно легализирање на нивните монтажни бараки, кои според законот не се сметаат за бесправно изградени објекти.
Сепак, и покрај ова, Јакимовски и неговите соработници од општината на бараките им дале третман на бесправно изградени објекти и дале согласност тие да се вклопат во урбанистичко-планската документација.Со ова, на фирмите им било овозможено бараките да бидат впишани како легални објекти во нивна сопственост, а со тоа добиле ексклузивно право да извршат откуп на државното земјиште на кое биле сместени монтажните објекти. Со таквиот потег монтажните бараки биле третирани и легализирани како дивоградби по што барателите на легализација го исполниле условот за откуп на државно земјиште како сопственици на објекти за цена од 450 денари од метар квадратен, по што земјиштето од 2.555 метри квадратни го препродале за 600 илјади евра.
Ова, според кривичната пријава, е спротивно на Законот за градежно земјиште, според кој времени објекти не се дел од градежно земјиште и за нив не може да се бара стекнување право на сопственост на градежното земјиште.
Сепак, и покрај ова, како што велат од МВР, „Гром промет“ се стекнала со земјиште од 1.533 квадратни метри кое како градежно неизградено земјиште во 2016 година имало вредност од најмалку 448 илјади евра.
„ЕМАГ“ ДОООЕЛ се стекнала со земјиште од 722 квадратни метри кое во 2016 година имало вредност од околу 211 илјади евра,
На ДОТ „Мебел“ и на физичкото лице Т.К, пак, им било овозможено да откупат државно земјиште за 450 денари по метар квадратен иако, ако се одржело јавно наддавање, почетната цена за таа локација би била 300 евра за квадрат.
Сите осомничени се товарат за злоупотреба на службената положба.

Јакимовски потрошил над 100 илјади евра за цвеќиња

Но, освен за ова кривично дело Јакимовски се сомничи и за јавни набавки за пролетно и есенско садење во 2015 година. На сметка на општината била спроведена јавна набавка за обнова на цветен расад на жардињери што било во надлежност на Град Скопје. Со ова му овозможиле на правното лице имотна корист во износ од над 100 илјади евра, а на штета на општината.
Јакимовски се гони и за изградбата на плоштадот Пецо Божиновски Кочо спроти студентскиот дом „Гоце Делечев“. Според обвинителството во 2016 година Јакимовски донел одлука за јавна набавка за изградба на плоштадот на локација каде според ГУП на Град Скопје било предвидено да се гради примарна сообраќајница. Со оваа изградба Јакимовски му овозможил на правното лице имотна корист од над 300 илјади евра.

„Со оглед на тоа дека се работи за исти кривични дела и ист период кога биле сторени, а заради спроведување на единствена постапка, предметите се споени во еден предмет“, велат од Обвинителството.
Во август минатата година Јакимовски беше приведен за истото кривично дело, но тогаш Обвинителството не бараше притвор туку му беа одредени мерки за претпазливост. Сега истрагата е проширена.
Јакимовски заедно со поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер Миле Јанакиески е осомничен и во една од истрагите што ги отвори Специјалното јавно обвинителство под име „Хармонија“. Тие се сомничат дека на приватниот меѓународен балкански универзитет Скопје му продале парцели за нерално ниски цени.
Неговата партија ГРОМ моментно има еден пратеник во Собранието, Панчо Минов, кој по гласањето на уставните измени не настапува заедно со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Второто пратеничко место што го освои партијата го презеде СДСМ. Пратеникот Чедомир Саздовски замина од ГРОМ и се врати кај социјалдемократите, каде што беше експресно унапреден во член на централниот одбор. Во коалиција со владејачкиот СДСМ сега е и Драгиша Милетиќ, кој на локалните избори во 2013 година му го отстапи печатот на Српската напредна странка на Јакимовски за да може да се кандидира за градоначалник и да состави советничка листа.

Фросина Факова – Серафиновиќ

 

Јакимовски: Ќе ги тепаме, не им се плашиме

Ќе ги тепаме, не им се плашиме, порача поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски додека полицијата го префрлаше од старата во новата зграда на Кривичниот суд.
Тој на новинарите симболично им покажа два прста во закот на победата.

 

Мицкоски: Не можете толку да уапсите колку што ние ќе ве победиме

По апсењето на поранешниот градоначалник на општина Карпош и претседател на опозициската ГРОМ, Стевчо Јакимовски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку Фејсбук ја обвини власта за политички притисок, а потпретседателот Владо Мисајловски за монтиран процес и шиканирање луѓе по судови.
„Апсењето на лидер на опозициска партија еден месец пред гласањето на претседателските избори не е ништо друго освен чин на брутален политички притисок и израз на огромен страв и паника на заевизмот кој губи. Тоа што досега нема ниту една акција против криминал за кој било човек од оваа власт, а сепак ние остануваме држава заробена во корупција на дното во Европа покажува дека е криминална и варварска власта. Очигледно кампањата на заевизмот се апсења, но во исто време тоа покажува и дека Заев драматично губи кај народот. Нема веќе страв. Не можете вие толку да уапсите колку што ние ќе ве победиме. Доаѓа правда за сите“, напиша Мицкоски.