За 24 часа два нови случаи на семејно насилство

Два случаи на семејно насилство се пријавени во изминатите 24 часа во СВР Тетово. Во едниот случај жителка на Гостивар била физички нападната од нејзиниот невенчан сопруг, а во другиот случај жител на Шемшово бил тепан од неговиот татко.

Портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски изјави дека 25-годишната Ц.Д. од Гостивар го пријавила случајот синоќа околу два часот по полноќ и според нејзиното сведоштво невенчаниот сопруг Ш.Ш. (37) прво почнал да ја навредува пред гостите кои биле дојдени во нивниот стан, а потоа физички ја нападнал удирајќи ја со тупаници. По пријавувањето, Ш.Ш. е лишен од слобода, но по разговорот во полиција, е пуштен.

– Се расчистувааат поединостите и ќе следува соодветен поднесок, изјави Јосифовски.

Во вториот случај, 40-годишниот Б.Б. од Шемшово пријавил дека неговиот татко физички го нападнал во дворот од нивната куќа додека сечел дрва со секира. Според пријавата, таткото прво почнал да се расправа околу неплатени сметки за струја и со тупаница го удрил синот по лицето по што се обидел да му ја одземе секирата и го повредил во десната дланка. Таткото бил повикан во полициското одделение откако претходно била одземена секирата.

Според полициската статистика, минатата година во СВР Тетово пријавени се 76 кривични дела на семејно насилство што е за 11 случаи помалку во споредба со 2016 година. Во нив, како извршители биле вклучени 78 лица, а случаите што се целосно расчистени се заокружени со вкупно 74 пријави. Меѓу сторителите, 69 се мажи, а девет се жени. Кај жртвите, 59 се женски, а 19 машки лица.

– Најзастапени причини за насилството се нервните растројства, раздразливоста и алкохолот, а поретко и други семејни состојби и настани, вели Јосифовски.

Минатата година е регистрирано и едно убиство, едно убиство во обид, потоа присилби, загрозување на сигурноста, нанесување телесни повреди и загрозување со опасно орудие при тепачка или караница непосредно или посредно поврзани со извршено, односно пријавено семејно насилство.