За џезерите одвоени 185 илјади евра за пет месеци

Македонија станува џез-нација. За период од пет месеци, одвоени се вкупно 185.217 евра буџетски пари за џез-концерти, работилници и гостувања. Сумата е пресметана врз основа на последните резултати од годишната програма на Министерството за култура за 2018 година, на поддржаните проекти од областа на културата од Град Скопје и на резултатите од „Новиот културен бран“. Конкурсот за „Нов културен бран“ беше првиот конкурс на новото раководство на чело со министерот Роберт Алаѓозовски, кој ги соопшти резултатите во септември и во октомври минатата година.
Почнувајќи од годишната програма на Министерството во делот на културно-уметнички манифестации, најмногу пари се одобрени за 37. издание на Скопскиот џез-фестивал во износ од 73 илјади евра. Втората по височина сума доделена за џез е во износ од 32 илјади евра за ОФФ-фест, фестивал кој исто така е во организација на Скопскиот џез-фестивал. За овие манифестации се одвоени пари и од Град Скопје – 500.000 денари за Скопскиот џез-фестивал и 200.000 денари за ОФФ-фест.

Поранешното раководство на Министерството за култура најчесто беше критикувано за поддршка на комерцијални проекти и естрадни изведувачи со повеќе видови на субвенции. Алаѓозовски откако го презеде министерското место вети дека ќе се насочи кон тоа вистинските вредности во културата да се вратат на свое место. И покрај тоа, реакциите за резултатите од годишната програма не стивнуваат.
За да опстои џез-културата, потребен е влог.

Музичкиот новинар и добар познавач на џез-музиката во светски и домашни рамки, Ненад Георгиевски, смета дека средствата што се одобруваат од институциите, ако воопшто се добијат, се мали за каков било проект.
– Тоа што е одобрено за џез-концерти е многу малку за да опстои воопшто таа култура на нивото на кое треба, бидејќи џез-културата е во иста категорија со класичната – вели Георгиевски.

Само со годишната програма на Министерството за култура, за џез-настани одвоени се вкупно 9.486.500 денари или околу 154 илјади евра. Од овој колач 130 илјади денари се издвоени за три концерти во центрите за култура во Куманово, Кочани и Битола или конкретно за концерт за флејта и џез-пијано трио во Куманово и Кочани се одобрени 40.000, односно 30.000 денари, а за концерт на џез-квинтет во Битола се одобрени 60.000 денари. Понатаму, одвоени се 24 илјади евра за КУД „Џезинг“ за организација на џез-фестивал во Тетово. За радио „Канал 77“ за организација на Радиски рок џез-фестивал во Штип одобрени се 500.000 денари или осум илјади евра. За Здружението на џез-музичари и слободни уметници од Скопје одобрени се 300.000 денари или пет илјади евра за проект со наслов „Цела година џез со ЗЏМ“. За десет концерти во различни градови низ земјава со наслов „Македонска џез квечерина“ на апликантот Владан Дробицки одобрени се 150.000 денари, или околу две и пол илјади евра. По 100.000 денари одобрени им се на Антонио Костевски за три концерти и на Здружението „Васил Хаџиманов Јуниор“ – Кавадарци за меѓународен џез-фестивал во Кавадарци. Одобрени се и 80 илјади денари за „Фолк Џезариум“ на Никола Автоски и 60 илјади денари за апликантот „Музички издавачки центар – МИЦ“ – Скопје за проект со наслов „Македонски џез простори“. Најсимболичната сума дадена за џез-проект е во износ од 13.500 денари за Ѓорге Ќириќ за концерт на класична, џез и современа музика за хармоника.

Град Скопје издвои 760.000 денари за џез
Град Скопје поддржа 212 проекти од конкурсот за финансирање манифестации и проекти со кои се остварува локалниот интерес во културата. Како што информираа, на конкурсот што беше распишан на 28 ноември минатата година пристигнале 430 комплетни апликации. Пристигнатите апликации биле оценети од шест стручни комисии, составени од претставници на Град Скопје, претставници од културните институции на градот и истакнати културни работници. Според нив, поддржани биле 50 отсто од пристигнатите пријави, а 22 отсто од нив им припаѓаат на музичката уметност и изведбените уметности. Од објавените резултати за џез-музика тие издвоиле 760.000 денари. Од овие пари, освен за Скопскиот џез фестивал и ОФФ-фест, се одвоени вкупно 700.000 денари, а по 30 илјади денари се доделени на ТРД „Џез ФФ“ за организирање на „Летен џез фестивал“ и за самостојниот уметник Бранко Илиевски за концерт насловен „Од латино до џез“.

„Новиот културен бран“ издвои 18 илјади евра за џезерите
„Новиот културен бран“, кој беше прв конкурс на новото раководство на Министерството за култура на чело со Роберт Алаѓозовски, издвои околу 18 илјади евра за поддршка на џез-музичари и џез-концерти. Министерот Алаѓозовски за овој ад хок конкурс, чии резултати беа објавени во септември и октомври минатата година, најавуваше децентрализација на културата и култура за сите. Беше истакнато дека со „Новиот културен бран“ ќе биде дадена поголема поддршка за џез-музичарите отколку што тоа беше практика дотогаш. Во тој конкурс беа одобрени пари во висина од пет илјади евра за Здружението на џез-музичари, а беше одобрена и џез-работилница во село Могила на МКЦ – Битола со средства во висина од 100 илјади денари. МКЦ – Битола и во годишната програма доби поддршка од 600.000 денари или околу 10 илјади евра за младински меѓународен арт-фестивал „Битола отворен град“. Музичката младина на Македонија од Скопје со проектот „Свита за флејта и џез-пијано трио“ со учесниците Марија Јакимова, Билјана Петровска, Динко Степаничев и Гоце Стевковски тогаш добија поддршка од 200.000 денари за концерти во повеќе градови. Средства на „Новиот културен бран“ добија и „ПМГ Рекордингс“ со џез-составот „Сетстет“ во висина 150.000 денари, а на здружението „Еду инфо медија“ од Штип му беа одобрени 124.600 денари поддршка за концертна турнеја „Сакам џез“ на која учество земаа Тони Китановски, Виктор Филиповски, Киро Туфекчиевски, Трајче Велков и Кирил Кузманов. Пари беа одобрени и за Здружението ИНУКС од Куманово во висина од 200.000 денари за организирање на Џез-фестивалот „Куманово 2017“ (кој подолги години беше во мирување) каде што учество зедоа „Владимир Четкар секстет“, „МС бенд“ и „Филип Стевановски бенд“.

Ивана Настеска