За директор на ОТА се пријавиле 14 кандидати

Работните групи на парламентарните партии се уште не постигнале договор за тоа кој ќе биде директор на ОТА, но несогласувања имало и за главен државен ревизор.
Овие две точки, но и оние за избор на членови на Комисијата за конкуренција, на Одборот на државната награда 23 Октомври и за измена на составот на Буџетскиот совет на Собранието едногласно беа ставени последни на дневен ред на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Дека нема договор за директорот на ОТА и главен државен ревизор потврдуваат и пратениците и од владејачкото мнозинство и од опозицијата.
За директор на ОТА се пријавиле 14 кандидати додека на огласот за главен државен ревизор имало 12 пријавени. Најголема поддршка, според информации од владејачкото мнозинство, има Тања Тасевска вработена во државната ревизија.
Од 1 септември пратениците од внатрешноста на државата ќе можат да бираат дали ќе патуваат секој ден на работа со автомобил, за што со одлука на Комисијата денеска беа намалени средствата за патни трошоци од 30 на 20 отсто, или да користат стан, што ќе го изнајмува Собранието. Во одлуката што денеска беше едногласно усвоена од страна на Комисијата се наведува дека наемнината за станот може да биде најмногу до 400 евра, а предвидени се и 100 евра за режиски трошоци. Се над тоа пратеникот ќе мора сам да надокнади. Промени ќе има и во сметките што треба пратениците да ги доставуваат до собраниските служби.
Дебата на Комисијата предизвика и составот на Одборот за доделување на наградата „8 Септември“ која се доделува за спортски достигнувања. Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека Зоре Темелковски не треба да биде член на одборот бидејќи неговиот син е градоначалник на Кисел Вода, а неговиот друг син е во Кошарскарската федерација на Македонија. Ејуп Алими од ДУИ, пак, сметаше дека член во одборот повеќе не треба да биде Јовица Угриновски, и на негово место го предложи Шабан Трстена. И Димков сметаше дека токму Трстена треба да биде во одборот. Сепак, на крајот со поддршка на владејчакото мнозинство член на одборот повеќе не е Угриновски, туку Шабан Трстена.
Комисијата за прашања на изборите и именувањата за претседател на Комисијата за одлучување во втор степен во областа на Инспекцискиот надзор ја предложи Елизабета Ристевска.
Артан Груби од ДУИ предложи да се поништи конкурсот за заменик директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци, поништен беше и конкурсот за именување членови и претседател на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Ќе бидат распишани нови конкурси.
Продолжение на седницата на Комисијата ќе биде дополнително закажано, но се најавува за среда, пред одржување на пленарната седница.