За да го загрози СЈО, Мицкоски ќе се смири и со одметнатите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, им закажа средба на осумтемина независни пратеници, со кои се раздели пред точно пет месеци кога ги исклучи од партијата и од пратеничката група. Информацијата за ненадејниот состанок што се одржал вчера во парламентот стигна преку соопштение што го испрати независната пратеничка група, во кое е наведено дека средбата била на иницијатива на Мицкоски.
– На средбата се разговараше за актуелната политичка состојба, ставовите за реформските закони и идните предизвици за Македонија – стои во официјалното известување од средбата.
Координаторка на независната пратеничка група е поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска – една од оние кои во октомври минатата година гласаа за пристапување кон уставните измени согласно со Преспанскиот договор, додека нејзините тогашни сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ стоеја пред вратите на собраниската сала негодувајќи и дофрлајќи им. Обезбедувајќи ги потребните 80 гласа за пристапување кон промена на Уставот, а потоа и за прогласување на уставните измени, сега независните пратеници си „обезбедија“ и исписници од ВМРО-ДПМНЕ, но дел од нив и амнестија за учеството во настаните на 27 април. Сега, кога владејачките партии повторно се во потрага по двотретинско мнозинство – за решавање на статусот на Специјалното јавно обвинителство, Мицковски, се чини, се обидува да го оневозможи донесувањето на законот за Јавно обвинителство, кој стана клучен критериум за почеток на преговорите со ЕУ, како што и Преспанскиот договор, во пакет со уставните измени, беше главен услов за потпишување на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО.
Сите осуммина пратеници од независната група, според наши информации, присуствувале на средбата со Мицкоски во парламентот, вклучително со Владанка Авировиќ од СПМ. Главниот мотив за средбата биле позициите на ВМРО-ДПМНЕ во однос на законот за Јавното обвинителство, со оглед на тоа што независната пратеничка група нема изградено заеднички став околу законското решение со кое треба да се реши статусот на СЈО. Мицкоски, наводно, им соопштил на пратениците дека сака изворно да ги упати во ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, за од друга страна да не им биде прикажана поинаква слика.
На оваа средба не станало збор за евентуално враќање на исклучените пратеници во ВМРО-ДПМНЕ, иако низ политичките кулоари мошне брзо се проширија информации за таква понуда. Инаку, дел од исклучените од ВМРО-ДПМНЕ во изминатиот период често излегуваа со ставови дека тие и натаму се чувствуваат како да се дел од партијата притоа предупредувајќи дека се неопходни реформи за нејзино консолидирање и дека сегашната раководна постава е под силно влијание на поранешното раководство на чело со Никола Груевски. Исто така, дел од независните пратеници имаат забелешки за ставовите во однос на нив што ги изнесува претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова.

Пред да почнат преговорите меѓу владејачките партии и опозицијата за законот за Јавно обвинителство, извори од Владата посочуваа дека првичната поддршка за СЈО е од 67 до 68 гласа, колку што брои членови и парламентарното мнозинство. Последната средба меѓу партиските тимови заврши неуспешно поради спротивставените позиции на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, пред сè во врска со кадровската поставеност на СЈО, неговата автономија во рамки на редовното обвинителство и продолжувањето на рокот за покренување обвиненија. По вчерашната средба на Мицковски со „одметнатите“ пратеници, пак, впечатокот е дека уште помали се шансите за обезбедување консензус меѓу најголемите партии за затворање на прашањето од кое зависат интеграциските процеси на земјата.
Сепак, премиерот Зоран Заев е оптимист дека не се пропаднати разговорите со ВМРО-ДПМНЕ. Тој и натаму смета дека низ разговори може да се дојде до решение зад кое би застанале сите и дека до крајот на месецов може да се затвори ова прашање. Во меѓувреме, како што најави, почнуваат разговори и со помалите политички партии и помалите парламентарни групи.
– Ова е еден од најважните закони во правосудството. Министерството за правда почнува разговори со помалите политички партии и помалите парламентарни групи. Не верувам дека се пропаднати разговорите и со ВМРО-ДПМНЕ – изјави вчера Заев. Тој рече дека ако се направат напори можно е законот да биде донесен до 1 април, односно пред стартот на изборната кампања.
– Мислам дека има време. Не би сакал оваа тема да се злоупотреби во кампањата. Добро би било да го затвориме ова прашање пред кампањата – изјави премиерот.
Запрашан кои од условите на опозициската работна група се прифатливи, Заев рече дека е прифатливо сè она што е уставно возможно, што е во духот на препораките на Венециската комисија и во духот на реформите и на стратегијата во правосудството. За тоа, посочи, се залагаме и ние како држава, но и нашите европски партнери. (А.М.М.)