Зафир Хаџиманов го поддржа референдумот

Познатиот уметник, глумец, пејач и писател Зафир Хаџиманов, кој е македонски амбасадор на културата во Србија каде живее 58 години, го поддржа претстојниот референдум во Македонија.

– Сакам да се знае дека како еден од втемелувачите на повеќе културни институции во Македонија, еден од основоположниците на Македонското радио и телевизија, како личност која има огромен придонес во развојот на македонската забавна музика, актерство и воедно како писател, јас сум голем борец на се она што е квалитетно и добро за македонската културата и за Македонија и затоа сум со „ЗА“ подршка на референдумот на 30 септември, изјави Хаџиманов за МИА.

Тој на својата Фејсбук страница, која го носи логото „Излези за Европска Македонија“ разви голема дебата во прилог на поддршка за референдумот повикувајќи ги отворено Македонците во Србија и во Македонија да излезат на референдумот и да го искажат својот став за овој историски настан.

– Социјалните мрежи станаа наше секојдневие, место на кое може да се презентира сечиј став, а јас мислам дека моја должност е јавно да го искажам својот став со поддршка за референдумот и за европска Македонија, изјави Хаџиманов.

Тој на својот Фејсбук профил го повика Националниот совет на Македонците во Србија да го каже својот став за договорот со Грција и за референдумот.

Во дебатата со пораката на Хаџиманов „Каде сте Македонци од Србија и поранешна Југославија…“ вклучени се не само Македонците во Србија, туку и српските граѓани и негови следбеници. Огромен е бројот кој дава поддршка на референдумот или како што напишаа повеќето- „Ајде драги Македонци, знае Зафир што е добро…“.

– Мислам дека како амбасадор на културата на Македонија и национален уметник на Србија кој има добиено награди и признанија на сите полиња, имам морална должност да го презентирам своето мислење зад кое стојам. И не само своето, имам должност да ги повикам и другите да го кажат ставот, бидејќи не е етички, а не е ни фер да се молчи за едно вакво важно историско прашање за Македонија“ одговори Зафир Хаџиманов за МИА, за причините зошто го прави сето тоа.