Затворски казни за учениците на оџата Реџеп Мемиш

Сафет Рамадани, кој бил припадник на терористичката организација Исламска држава и ги организирал останатите шестмина македонски државјани да заминат во Сирија, е осуден на највисока затворска казна од девет години. Останатите шестмина обвинети, Елмедин Османи, Ахмед Џенгис, Орхан Жупани, Буњамин Фето, Ибрахим Шабани и Алмир Миртовски заминале од Македонија на обука во Сирија и потоа учествувале како борци на ИСИС во војните во Сирија и Ирак се осудени на по шест години затвор. Рамадани се товари за две кривични дела „учество во странска војска, паравоени или параполициски формации“ и „терористичка организација“, а останатите се обвинети само за учество во странска војска.

Обвинетите, освен што учествувале во паравоени формации, собирале и пари за лица кои учествуваат во овие формации, а преку социјалните мрежи повикувале, врбувале и поттикнувале други лица на учество во паравоените формации надвор од Македонија. Минатата недела сите обвинети ги признаа делата што им се ставаат на товар.

Одбраната на обвинетите не е задоволна од висината на затворските казни и најавува жалби. Адвокатот Сашко Христовски Липски, бранител на еден од седумтемина обвинети, вели дека висината на затворската казна е превисока за кривичното дело што го сториле и дека за истата ќе биде упатена жалба до Апелацискиот суд.
„Овие луѓе биле ранети во Сирија, повеќе од една година престојувале во воени затвори, тоа е казната за нив. Оваа казна што денеска беше изречена е превисока“, вели Липски.

Во август минатата година, во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските демократски сили, сега осудените седуммина беа обвинети, лишени од слобода и предадени на македонските органи на прогонот.

Македонија е прва во Европа каде што се префрлени терористи од Сирија, иако во Сирија имало заробени џихадисти и од Германија и од Франција. Извори од безбедносните служби тогаш тврдеа дека тоа е најбезбедниот чекор за земјата бидејќи станува збор за контролиран процес.

Според безбедносни извори, службите во Македонија процениле дека земјата има капацитет и може да се справи со овој товар бидејќи не станува збор за голем број џихадисти, како што е случајот со некои други европски земји кои одбиваат да прифатат репатријација поради фактот што бројот на нивни државјани кои се бореле на жариштата во Сирија и Ирак и сега се заробени, е троцифрен.

Седумтемина кои беа донесени на скопскиот аеродром им се добро познати на македонските органи и сите биле ученици на оџата Реџеп Мемиши од џамијата Тутунсуз во Скопје, кој е веќе осуден на седум години затвор. За сите нив била распишана потерница и им беше одреден притвор.

На боиштата за „Исламската држава“ досега во изминатите неколку години загинале 35 македонски државјани. Бројот на учесници на боиштата од 2014 година се намалил рапидно со измените во Кривичниот законик со кој се предвидуваат затворски казни за учество во војска.

Сепак, оџата Реџеп Мемиши кој во 2016 година беше осуден на седум години затворска казна за пет години ќе излезе од затвор и никој не може да гарантира дека нема да регрутира нови борци за да заминат на воените жаришта во Сирија и Ирак.

Дел од осудените во оваа група, кои добија казни затвор од најмалку две години, веќе се излезени на слобода. Во јавноста остана запаметен скопјанецот Стефан Стефановски кој со примањето на исламот стана Суфијан. Пред две години во судот рече дека не се чувствува виновен бидејќи и на медицинскиот факултет ги учеле да им помагаат на оние на кои им е потребна помош без разлика на верата. Сепак, потоа се премисли и призна вина, по што доби две години затвор. Откако ја издржа двегодишната затворска казна, Стефановски е на слобода.

Иако дел од осудениците веќе ја издржаа казната, во затворите низ Македонија сè уште нема специфични програми за ресоцијализација на повратниците од војните кои таму хипотетички убивале луѓе, учествувале во терористички напади со кои не можат да се справат ниту најголемите воени сили во светот и се соочени со новиот предизвик, тероризмот.

Според информациите од безбедносните служби, околу 150 македонски државјани заминале да се борат за ИСИС. Седумдесетина се вратија и тие се темпирана бомба, и покрај тоа што судирите на Блискиот Исток, како и нападите во Европа, веќе не се со тој интензитет каков што беа до пред три години, кога и силата на исламистите беше на повисоко ниво. (Ф.Ф.С.)