„Законско“ прислушување за незаконско владеење


Александар Николовски

 

Веројатно нема да кажам ништо ново ако констатирам дека злоупотребата на безбедносните служби на цел Балкан претставува извор на сите поголеми политички кризи. Човек oстанува секогаш во неверување од потребата и опседнатоста на секоја власт да ги контролира истите и таа контрола да не биде во насока на заштита на националната безбедност или борба со криминалот, туку сосема спротивно, за еден перверзен брак со криминалот преставен преку целосно нарушување на човековите права, а со цел власта подолго да ја задржи моќта. Македонија е можеби најдобар пример колкава е таа желба – две големи кризи, и во 2000 и во 2015 година почнаа токму со злоупотреба на тајните служби и со нелегално прислушување. Толку е голема опседнатоста со старите методи на УДБ што и новите генерации се инфицираат од истиот вирус. Треба да сме на јасно дека додека не се затвори ова поглавје и не добиеме безбедносни служби што ќе работат во корист на граѓаните и националната безбедност, нема да напредуваме како општество. Тоа мора да е и реално и перцепциски. За реалната поставеност ќе пишувам подолу, перцепциската дијагнозата, пак, е многу едноставна – скоро и да не постои човек во Македонија што мисли дека не е прислушуван! Се додека постои тој масовен страв кај луѓето, ние не можеме да говориме за слободно општество.

Во однос на реалната поставеност, како што јавноста знае, по скандалот со нелегалното прислушување, Европската комисија двапати ја ангажираше експертската група на Рајнхард Прибе да даде свои согледувања во неколку клучни области, вклучително и реформата на безбедносните служби. Како власта на СДСМ пристапи кон тие препораки? Со нескриена желба да ги изигра и да создаде систем со кој ќе легализира масовно следење. Намерно го употребувам зборот следење зашто идејата на новото законско решение со кое треба да се формира т.н. ОТА е да има следење покрај на телефонските разговори и на целата комуникација преку интернет, физичко следење, видеоследење и сл.

Идејата на законот е добра, но во него наједноставно кажано се прави обид да се изигра самиот закон, колку ова парадоксално и да звучи! Имено, со предлог-законот се предвидува формирање т.н. Оперативно-техничка агенција (ОТА) како издвоен орган кој би бил надвор од структурата на МВР и Управата за безбедност и контраразузнавање (нашата УДБА). Во ОТА би бил механизмот за активирање на следењето на одредена осомничена личност и истиот би се активирал само по соодветно добиено одобрение од надлежен суд. И, до тука е сѐ добро, се крати можноста на УБК самостојно да прислушува и добива еден вид втор орган кој врши контрола. Но проблемот настанува што во истиот закон се предвидува ова да важи само за телефонските повици воспоставени преку фиксен или мобилен телефон преку мрежите на „Телекомот“ или мобилните оператори и истата одредба не важи за т.н. метаподатоци. Накратко, метаподатоци се сите оние дејствија што ги правите преку интернет. Под метаподатоци се вбројуваат следните податоци за корисниците на телефонски и интернет-услуги (вклучително и е‐пошта): името, адресата на повикувачот и повиканиот, телефонскиот број/ИП-адресата, телефонскиот уред и локацијата на лицата што комуницираат; времето на почетокот и крајот на комуникацијата; типот на телефонската/интернет-услуга. Метаподатоците се генерираат и без луѓето да бидат свесни за тоа, односно без да преземат некаква комуникациска активност. На пример, апликациите за електронска пошта на паметните телефони контактираат со т.н. базни станици на мобилните оператори во многу куси временски интервали, со што постојано се генерира податок за локацијата каде се наоѓа мобилниот телефон и во која насока се движи. Со анализа на метаподатоците е возможно да се извлечат прецизни заклучоци за приватните животи на луѓето, како што се нивните социјални врски, нивните навики, секојдневни активности, интереси и вкусови. За овие метаподатоци, кои практично се 90 проценти од комуникацијата на еден човек, ќе важи правилото дека УБК може да ги собира без судски налог и без одобрение на ОТА и истите може да ги чува до 12 месеци! Просто кажано, УБК ќе може да следи кого сака без истиот да знае, без судски налог и да го има целиот негов живот на дланка, иако истиот не сторил никакво кривично дело, со што за манипулациите, уцените и загрозувањето на слободите и правата на човекот само небото ќе биде граница. Таква неовластена моќ немала ни УДБА во своите „најдобри денови“.

Во предложените законски решенија дискутабилно е времетраењето на чување на необработените податоци за сообраќај, што е предвидено да биде 12 месеци, спротивно на европската пракса за чување на податоците за времетраење од 6 месеци и помалку, како и измените со кои и технички му се овозможува на органот за следење комуникации да има директен, постојан и самостоен пристап до податоците за сообраќај (метаподатоците), преку воспоставување соодветна опрема.

Што вели европската пракса за ова? На 8 април 2014 година, Големиот судски совет на Судот на правдата на Европската Унија (ЕСП) ја поништи Директивата бр. 2006/24/ЕЗ. И покрај тоа што Судот оцени дека директивата спроведува легитимна цел во борбата против тешкиот криминал и во заштитата на националната безбедност, утврди дека Директивата ги прекршува правото на приватен живот и правото на заштита на личните податоци на поединците, гарантирани со членовите 7 и 8 од Повелбата на Европската Унија за основните права. Овие права беа повредени поради тоа што директивата на државните органи им обезбедуваше неселективен и масовен пристап до личните податоци на граѓаните, што беше и главната причина за нејзиното поништување.  Истражувањето спроведено од Агенцијата на Европската Унија за основните права покажа дека сите уставни судови кои се занимавале со ова прашање оцениле дека националните системи за задржување метаподатоци се делумно или целосно неуставни. Во својот годишен извештај од 2017 година, Агенцијата на Европската Унија за основните права посочува дека членките на ЕУ во рамките на националното законодавство треба да избегнуваат општо и недискриминирано задржување податоци. Националното законодавство треба да вклучува строги проверки на пропорционалноста, како и соодветни процедурални заштитни мерки за ефективно гарантирање на правата за приватност и заштитата на личните податоци. Потребно е намалување на периодот за задржување на податоците, регулација на пристапот (да се бара наредба од суд) и точно да се дефинира за кои потреби може да се бараат метаподатоци.  Компаративните искуства велат дека податоците во други држави се задржуваат пократко или воопшто не се задржуваат. Во Германија времетраењето на задржувањето на податоците се скрати од 6 месеци на 10 седмици, се исклучи од задржување целиот сообраќај по електронска пошта, а беше прокламирана потребата за обезбедување судски налог за предавање на задржаните податоци на државните органи, во Австрија Уставниот суд беше првиот национален суд кој прогласи за неважечки голем дел од Законот за задржување податоци по донесената одлука од ЕСП. Австриските оператори повеќе немаат обврска да ги задржуваат податоците и да ги доставуваат до националните власти, во Литванија во законот за електронски комуникации на Литванија е транспонирана Директивата 2006/24/ЕЗ, а задржувањето на податоците се врши во најкраткиот предвиден период со поништената директива – шест месеци.

Предложените измени и решенија на законот за следење комуникации се спротивни и на меѓународните документи и норми за правото на приватност и особено на Европската конвенција за човекови права (понатаму Конвенцијата), која е во сила во Република Македонија од 1997 година. Имено, Конвенцијата во нејзиниот член 8 регулира дека секој човек има право на почитување на неговиот приватен и семеен живот, домот и преписката. Право на почитување на приватниот и семејниот живот е еден од најслободно формулираните и во исто време еден од најсеопфатните членови во Конвенцијата. Правото на приватност е регулирано и во Универзалната Декларација за човекови права, како и во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, според кои никој нема да биде изложен на произволно вмешување во приватниот живот, семејството, домот и преписката, ниту пак на напади врз неговата чест и углед. Секој има право на правна заштита од таквото вмешување или напади. На оваа тема се има произнесено и Комитетот на министри на Советот на Европа во Препораката Бр. (85) 1015 каде ја потенцира потребата од заштита на индивидуата од неоправдано следење на комуникациите и нарушување на приватноста. И оваа препорака укажува на фактот дека употребата на средства за прислушување бара детално законско регулирање, особено во врска со начинот на извршување на истото, преносот на информациите здобиени со прислушувањето како и употребата на таквите податоци.

Сето ова говори дека сме на раб на целосно изигрување на препораките на Прибе и со „реформите” во безбедносниот систем Македонија да стане држава на масовно следење, а со тоа и кршење на човековите права, да стане едно големо ријалити шоу. За истово мора да се сензибилизира јавноста и да реагира, зашто додека се занимаваме во јавност со особено битни прашања од типот на разговорите со Грција или законот за двојазичност, СДСМ на мала врата сака да протурка закон со кој цела држава ќе може да се следи и прислушува.