Заинтересираните инвеститори ќе вршат увид во состојбата на Фени

Заинтересираните потенцијални инвеститори за Фени Индустри, придружувани од претставници од трите банки најголеми доверители, од утре ќе вршат почетен увид во состојбата на комбинатот со цел да предложат план за реорганизација во соодветно време.

За ова привремениот стечаен управник Мирослав Анастасиевски веќе го информирал сегашниот сопственик Кунико, а начелна согласност дале и претставниците на Синдикатот на Фени на денешната средба со банкарите.

За комбинатот има три сериозни заинтересирани инвеститори, а се јавуваат и нови. Банкарите не ја исклучуваат можноста и бугарски Енекод да даде понуда доколку ги исполни бараните услови. Од потенцијалните инвеститори во Фени бараат да имаат најмалку 20 милиони евра за финасирање на стечајната постапка, за обртни средства и за измирување на минималните обврски кон банките, како и обврските кон доверителите.

Претставниците од банките се надеваат дека ќе немаат проблеми при увидот, но очекуваат сегашниот сопственик повторно преку правни процедури да се обиде да ја одолговлекува стечајната постапка за металуршкиот комбинат. Велат дека стачајната постапка можела да се избегне доколку Кунико имал намера да ги продаде акциите на Фени како што првично соопштил при што новиот инвеститор требало да ги плати долговите од 60 милиони евра плус едно евро, но додаваат дека таква намера не постои, а Енекод не е во состојба да го напрви тоа. Енекод дури нема желба или финасиска моќност да го подигне концентратот вреден 62.000 евра, потребен за работа на Фени, што веќе некое време е складиштен во Солунското пристаниште и за кого плаќаат лежарина од 1.200 евра дневно.

Според банките, не се јасни мотивите на Кунико за одолговлекување на постпаката освен ако не сака да наплати некои од фактурите за веќе испорачани производи. Проблемите со Кунико настанале на крајот на 2015. и на почетокот на 2016 година, кога мнозинскиот пакет од 91 отсто од акциите ги добил казахстанскиот партнер, а од септември годинава престанал да ги сервисира обврските кон банките.

Од банките велат дека има можност Фени да работи додека трае стечајната постапка доколку стечајниот управник склучи договор за закуп со некој од заинтересираните инвеститори, но за да се случи тоа неопходно е да отпочне постапката за стечај. Очекуваат договор за закуп да се склучи за месц до два и комбинатот да проработи, а стечајот да заврши најрано до март идната година.

Од банките посочуваат дека на 13 ноември Енекод го прекинал договорот за испорака на струја за Фени. На 1 септември истекло и осигурувањето на имотот на Фени, а наскоро истекуваат и договорите за осигурување на вработените во компанијата, а сегашниот сопственик не презема ништо.

Банките во моментов го сервисираат работењето на Фени и за основните трошоци за одржување на комбинатот во кондиција трошат околу 110.000 евра неделно, а од 2 ноември до сега за оваа намена потрошиле 240.000 евра. Велат дека немаат законски можности на вработените да им исплатат плата и оти тоа може да го направи само сегашниот сопственик. Вработените последната плата ја зеле во септември годинава.

Фени Индустри АД Кавадарци има долгови од околу 60 милиони евра од кои 40 милиони им должи на Комерцијална банка АД Скопје, Стопанска банка АД Скопје и Силк роуд банка АД Скопје, а останатите на повеќе други помали доверители. Поради долгот трите банки најголеми доверители покренаа стечајна постапка за комбинатот, а надлежниот суд во Велес го назначи Мирослав Анастасиевски од Гостивар за привремен стечаен управник. Првото рочиште за стечајот што требаше да се одржи на 13 ноември во Основниот суд во Велес сегашниот сопственик на Фени го одложи со барање за изземање на судот. Врховниот суд го одби барањето и за 29 ноември е закажано ново рочиште во Велес.