Заев: „Чебрен„ и „Галиште“ ќе ги градиме сами

По 11 неуспешни тендери, Владата планира хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ на Црна Река да го гради домашен конзорциум и зафатот да не биде мегаломански.

„Македонија може сама да ги реализира проектите затоа што е финансиски стабилна, ликивидноста и солвентноста се зголемени а има и многу средства во домашните банки“, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Заев очекува банките да понудат поволни кредити. Во спротивно, земјава ќе биде принудена да обезбеди пари однадвор.

„Преку десетици пати тендери не успеаја. Тргнавме на една реалистична основа. Проценката на инвестицијата е околу 220 милиони евра. Убедени сме дека ЕЛЕМ како главен столб на производството на електрична енергија, може да го понесе овој капацитет заедно со Владата и сите институции. Би влегол во преговарачки процес со сите банки. Очекуваме да формираат конзорциум и сите да пласираат средства, се надевам конкурентни, зашто не ни е обврска да земеме од дома пари. Ако не дадат доволно евтини камати, ќе земеме пари од надвор, но верувам дека ќе може да бидат конкурентни“, објасни Заев.

Да се вклучат во изградабата ќе бидат повикани сите градежни компании во Македонија кои што можат да работат вакви проекти.

„Изградбата би траела пет до осум години зашто се работи за сериозен проект и во делот на производството на електрична енергија и во делот на водоснабдувањето на целиот регион, каде новата акумулација би можела да биде за развој на земјоделството и други активнсоти во Централна Македонија“, кажа премиерот.