Заев уверен дека Македонија ќе добие датум за почеток на преговори

На заедничката прес-конференција на високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини и премиерот Зоран Заев, по одржаните разговори, на новинарско прашање дали изјавата на шефот на грчката дипломатијa Коѕијас дека нема доволно време за решение за името до самитот во НАТО, подразбира дека Македонија нема да добие датум за старт на преговорите со ЕУ, премиерот Заев истакна дека е уверен дека Македонија ќе добие датум за почеток на пристапните преговори.

– Јас сум уверен дека ќе добиеме датум за преговори затоа што тоа што досега го имаме постигнато со Грција навистина и го гарантира тоа. Ќе бидеме сите среќни ако најдеме решение, а верувам дека тоа е можно. Видовте дека имам причина да бидам оптимист, а и Федерика заедно со мене, затоа што верувам дека оптимизмот навистина помага во изнаоѓање решенија, па дури и на вакви чувствителни прашања, рече премиерот Заев на истото прашање.

Тој додаде дека изјавата на Коѕијас е поврзана со НАТО, но, нагласи, да не заборавиме дека ние имаме право на автоматска покана, не сме врзани со јулскиот Самит.

– Но, дури и тоа да не биде причината, треба да го најдеме решението. Ако успееме до мај да изнајдеме решение ќе видите дека има време за се, затоа што се работи за легални или правни аспекти коишто се решливи. Убеден сум дека сега е вистинското време и верувам дека ниту во минатото, ниту во иднината веројатно и нема да постои подобро време за да изнајдеме решение достоинствено за двете страни, кое што ќе го штити идентитетот и секако, како што вика Коѕијас, и самоопределувањето и самочувството на двете страни, рече премиерот Заев.