Заев-Терлечки: Полска наскоро ќе го ратификува Протоколот за НАТО

Полска ја поддржува евро-атлантските интеграции на Република Северна Македонија, а полскиот Парламент наскоро ќе го ратификува Протоколот за прием на земјата во НАТО, било истакнато на денешната средба во Владата на премиерот Зоран Заев и заменик-претседателот на Парламентот на Полска, Ришард Терлечки.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, констатирано е дека Република Северна Македонија е подготвена да направи напредок и во европските интеграции. Заеднички пак е констатирано дека потребно е да продолжат политиките на проширување на Европската Унија.

– Наша аспирација е на Самитот во јуни, во ЕУ, по 14-годишен кандидатски статус да добиеме датум на почеток на преговорите со ЕУ. Се надеваме дека континуираната поддршка на нашата земја, од нашиот голем пријател, Република Полска, ќе се потврди и во јуни, а ние работиме на аргументите да ја заслужиме таа поддршка, рече премиерот Заев.

Заев посочил дека нашата држава важи за позитивен пример, како низ дијалог се решаваат важни прашања со соседите, низ градење пријателство и заедничка иднина. Тој дополнил дека реформите успешно се спроведуваат. Според него, решавањето на крупните политички прашања, процесот на прием во НАТО и охрабрувањата за приближување кон ЕУ даваат резултати и на економски план, како што е зголемувањето на странските инвестиции за четири пати во 2018 година, во однос на 2017 година, намалувањето на невработеноста, растот на индустријата и БДП, што води кон мотивација на младите да останат да живеат и работат во родената земја.

– Пред избори сме за петтиот претседател на државата и веруваме дека со свесност и одговорност од сите ќе покажеме дека оваа земја има сериозни демократски капацитет, нагласил Заев.

На средбата, како што се наведува, е разговарано и за отворените можности за унапредување на соработката во областа на одбраната, на економски план, на полето на туризмот, културата, и парламентарната соработка, поради што е во земјава полската парламентарна делегација.

Премиерот Заев упатил покана за официјална посета на премиерот на Република Полска Матеуш Моравецки.