Заев тврди дека нема дефинитивен договор за името

Топло-ладно околу преговорите за името, според премиерот, утврдена е рамката за тоа како ќе се одвива процесот, се знае кога ќе има референдум, но сѐ уште се преговара за конечното име.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека дефинитивен договор за името „Република Северна Македонија“ сѐ уште нема, но Грција и Македонија ги договориле принципите и начелата, и се многу блиску до затворање на ова прашање. Заев најави дека денес или најдоцна до утре ќе разговара со својот грчки колега Алексис Ципрас, но не беше конкретен дали таа средба всушност ќе биде историска и ќе значи крај на 27-годишниот спор.

„Чесно е да се разговара покрај за правно-формалниот аспект на евентуален договор и за термините за негово спроведување. Знаете дека во Македонија сите стоиме зад референдумот. Ако ние стоиме зад референдумот, а Грција има за тоа разбирање, ред е да бидат поставени чекорите на спроведување на евентуалниот договор. Ратификација на договорот во законодавниот дом ќе има за да може Грција да испрати писмо до НАТО и да добиеме покана“, рече Заев, кој додаде дека референдумот би се одржал во септември или октомври годинава и граѓаните ќе го имаат последниот збор. Проценка на Заев е дека Грција и Македонија никогаш не биле поблиску до конечен договор.

„Никогаш не сме биле поблиску до решение, а пријателството никогаш не било поблиску. Јазикот и идентитетот се потврдени, потребно е лидерство, а не само празни зборови“, рече Заев и ги повика граѓаните да дадат поддршка.
„На граѓаните им претстои да испишат ново поглавје – ни треба ‘Четврти Илинден’“, порача тој.
Околу многубројните критики за Македонија во нон-пејперот на Франција и на Холандија, премиерот Заев одговори дека не е новост дека реформите се само почнати и ќе треба време тие да бидат реализирани до крај.

„Јасно и пријателски ни е укажано за слабостите, продолжуваме да ги отстрануваме, пред сѐ да создадеме подобри услови за граѓаните“, рече премиерот.
Според објавената рамка за решението, покрај ратификацијата и референдумот, ќе има и уставна ревизија која би се случила по референдумот, а договорот би се потпишал во Преспа. Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски не сакаше да ги коментира конкретните информации за името, а претседателот Ѓорге Иванов се пожали дека не бил информиран за рамката за решавање на спорот. Заев најави дека министерот за надворешни работи Никола Димитров уште веднаш ќе побара средба за да го информира шефот на државата.

Лидерот на ДУИ и владин партнер на СДСМ, Али Ахмети, во интервју за косовскиот весник „Епока е ре“, освен што работата на Владата во текот на првата година ја оцени како успешна, додаде дека ако преговорите со Грција завршат успешно, Македонија ќе има отворена врата за да се зачлени во НАТО и ЕУ.

„Познато е дека сме дел од многу важни преговори за изнаоѓање решение на спорот за името. Ние сме на вистински пат да најдеме компромис и решение со нашиот сосед Грција. Целата јавност веќе знае дека токму ова прашање е единствена пречка за зачленувањето на Македонија во НАТО, но и за започнување пристапни преговори со ЕУ. Така што врвен приоритет на оваа влада е решавањето на ова прашање, и сите сме максимално посветени да дадеме придонес за час поскоро тоа да се реши бидејќи на тој начин ќе дадеме придонес и за мирот, сигурноста и стабилноста на регионот“, изјавил Ахмети.
Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, исто така, потврди дека е цврсто заинтересиран да го реши спорот со Македонија, со цел Грција да стане позитивен пример за сите земји на Балканот.

„Не се осврнуваме на политичката цена, работиме на решение“, рече Ципрас додавајќи дека неговата влада верува оти на тој начин ќе ја врати водечката позиција на Балканот. Според проценката на грчката влада, решението, освен што ќе придонесе за мирот и стабилноста на Балканот, исто така ќе има и позитивни економски придобивки.

„Решението ќе води кон процеси што ќе создадат нова динамика за развој и соработка со сите земји во регионот, а во исто време ќе ги запре економските и политички аспирации на други земји како Турција“, изјави Ципрас.

Блерим Исмаили