Заев: Секоја промена на локално ниво значајна за изградба на европско општество

Премиерот Зоран Заев придружуван од министрите Оливер Спасовски, за внатрешни работи и Љупчо Николовски, за земјоделство, шумарство и водостопанство, и градоначалникот на Oпштина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски и градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, присуствуваше на пуштање на современа повеќенаменска сала во општинската зграда на Крива Паланка.
Премиерот Заев во оваа прилика се сретна со градоначалникот Мицевски, кој го информираше за тековните активности и проекти во работата на општината, соопшти владината прес-служба.
Заев, во своето обраќање пред присутните рече дека пуштањето на овие две сали, опремени со модерна 3D технологија, првенствено имаат за цел промоција на туризмот на општината и регионот.
Реализацијата на оваа иницијатива се партнерите Центар за развој на Третиот-Североисточен плански регион од Куманово, и на Обласната администрација на регионот во Република Бугарија во Ќустендил.
– Убеден сум дека двете модерни сали во општината ќе бидат инспирација и за други активности на креативните луѓе од општината и нивните колеги од регионот, рече Заев во оваа пригода, и потенцираше дека ова е уште еден од добрите примери на успешна соработка во програмите за Прекугранична соработка меѓу Македонија и Бугарија.
Прекуграничната соработка, рече премиерот, е еден од столбовите на поддршката во соседските политики на ЕУ и како стратешки пристап на Европската комисија во Брисел, и, како што рече тој, со овој проект се потврдува посветеноста кон регионот Западен Балкан.
– Ако се земе тоталниот буџет од 1,28 милијарди долари само за Република Македонија, како фонд за предпристапниот период 2007-2020 година, доволно зборува за можностите што се отвораат пред граѓаните на нашата земја и во вакви проекти кои ја афирмираат прекуграничната соработка, потенцираше тој.
Тој, во оваа прилика апелираше и понатаму да се негуваат најдобрите практики од добрососедските односи и секогаш предвид да се има европската перспектива, и додаде дека секоја позитивна приказна и промена на локално ниво е значајна, зашто е уште еден значаен придонес за изградба на европско општество и држава по европски правила.
– Со отворањето на преговорите со ЕУ и со исполнувањето на домашните обврски и реформи, создаваме функционална држава во која институциите се сервис на граѓаните, отворени и отчетни, рече премиерот Заев на денешната посета на Општина Крива Паланка.
Присуството во Крива Паланка премиерот Заев, меѓу другото го искористи за средби и разговори со жителите на овој град.