Заев: Секоја помош и поддршка за членство во НАТО се добредојдени

Членовите на „Клубот на генерали“ му го понудиле на премиерот Зоран Заев своето искуство, знаење и експертиза во одбраната и безбедноста, како и во процесите за реформи во АРМ, за време на денешната средба, информира владината прес-служба.

Во здружението „Клуб на генерали“ членуваат активни и поранешни македонски генерали.

Членовите нa делегацијата, како што се наведува во соопштението, го запознале Заев со програмските активности на здружението, кои главно се фокусирани на прашањата за безбедноста и одбраната и своето искуство и стручно знаење го користат при креирањето анализи и стратегиски документи за безбедносните и одбранбените прашања и потреби на државните институции за безбедност и одбрана.

Премиерот Заев изразил поддршка за нивната иницијатива и истакнал дека секоја помош и соработка во овие процеси, во клучната фаза од нашето пристапување за членка на НАТО, е добредојдена.

На средбата присуствувал и Националниот координатор за подготовка на Република Македонија за членство во НАТО Стево Пендаровски.