Заев по гласањето на референдумот: Одлуката на граѓаните ќе биде јасен правец

Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев гласаше на избирачкото место 1730 во ОУ „Никола Вашцаров“ во Струмица. Тој на гласање дојде во придружба на сопругата Зорица и синот Душко.

Веднаш по гласањето премиерот Заев во изјавата истакна дека денешниот ден е убав и е нов празник за Република Македонија. Додаде дека денес граѓаните излегуваат и одлучуваат за иднината на земјата и со одлуката граѓаните го прават истото како во минатото, во сите пресудни моменти за Република Македонија, носејќи сериозни и важни одлуки со кои го трасираат патот на земјата за иднината и на наредните генерации кои доаѓаат.
– Денес е вистински празник. Јас очекувам преку масовноста во гласањето, со големиот одѕив уште еднаш да се потврди и мултиетничкото единство на нашите граѓани и севкупното политичко единство на граѓаните надвор од која било политичка партија или политички определби. Очекувам Собранието да ја следи мнозинската одлука на граѓаните, која денес ќе биде јасен правец во која насока треба да се движи нашата земја. Очекувам по овие одлуки Македонија конечно да ги постигне своите стратешки цели-да биде членка на најмоќниот воен сојуз во светот-НАТО и да биде членка на најсилната економска унија во светот-Европската унија, изјави премиерот Заев пред голем број домашни и странски новинари кои го следеа неговото гласање на референдумот во Струмица.
На новинарско прашање како Бугарија помогнала за референдумот, претседателот на Владата истакна дека нашите соседи со пријателството кое го покажале, почнувајќи пред се од Бугарија, се охрабрил целиот регион.
– Се охрабри и грчката страна за Македонија да ги постигне двата историски договори-прво Договорот со Бугарија за добрососедство и пријателство и соработка, а потоа историскиот договор исто така со Грција, каде што се реши конечно 25- трага овде во регионот како се гради пријателство, како се верува во европските вредности, како се постигнуваат европски манири, европски односи. Сето тоа верувам дека ќе влијае позитивно на генерациите кои доаѓаат по нас, одговори премиерот Заев.
На новинарско прашање колку премиерот е убеден дека ќе има гласови ЗА, Заев рече дека очекува големо, големо мнозинство гражани да бидат ЗА.
-Јас верувам дека големо, големо мнозинство од граѓаните ќе биде ЗА, бидејќи повеќе од 80 проценти од нашите граѓани се за ЕУ и НАТО. Јас верувам дека тоа огромно мнозинство, како во секоја демократија, ќе биде прецизен патоказ за граѓаните, за нас политичарите и за парламентот да ги следат желбите на граѓаните, а на крајот парламентот да ја изгласа таа желба, бидејќи таму се потврдува нашата иднина, рече премиерот Заев.
На прашањето што му порачал на неговиот син Душко, претседателот на Владата на РМ рече дека заедно дошол со син му на гласање и при тоа гласајќи заедно се определиле за иднината на нашата земја.
– Дојде и тој учествуваше со мене и да види дека ние родителите носиме храбри и сриозни одлуки да ја определиме токму нивната иднина, на нашите деца, на генерациите кои доаѓаат по нас. Јас сум многу среќен што денеска мојот син ја сподели ова историска можност со мене како родител, пред се, но и како граѓанин на оваа наша сакана земја, за да им обезбедиме токму на нив, децата подобра иднина, итакна премиерот Заев одговарајќи на новинарски прашања по гласањето во родната Струмица.