Заев повторно одложи: Реконструкција на Владата по празникот

На крај се разговорите за најавената владина реконструкција, рече денеска премиерот Зоран Заев.

По првомајските празници тој пред јавноста и во Парламентот ќе ги соопшти промените во составот на Владата, а потоа и промените на директорските позиции во одредени институции.

– Течат разговорите и преговорите. Повеќе ги користам викендите за оваа работа. Се надевам дека веќе овој викенд, како што завршува април, ќе привршуваме. По првомајските празници планирам да излезам со информирање на јавноста и соопштување пред Парламентот за се што ќе претставува промени во владиниот состав, а потоа, соодветно, и промени на директорските места во одредени институции, истакна Заев по потпишувањето на договорот за Годишната програма за вработување.

Не сакаше да прецизира ништо, но нагласи дека постои постапка според која на почетокот на мај органите и телата на партиите ќе ги донесат одлуките.

– Ние сме само поединци, на крајот треба да донесат одлуки соодветни органи зависно од обемот на промените кои би се случиле, рече премиерот.