Заев најави поврат на ДДВ од 2019 година, во просек ќе се враќаат по 500 евра на семејство

Проектот на Владата, кој е дел од предизборните ветувања, за поврат на ДДВ на граѓаните, ќе стартува во два региона во 2018 година, а од ефектите што ќе се покажат, се очекува да се прошири на целата територија во 2019 година.

Ова го најави премиерот Зоран Заев денеска одговорајќи на пратенички прашања истакнувајќи дека со ова очекува да се намали даночната евазија кај ДДВ-то која според податоците до кои дошла Владата е 30 проценти.

Според него, во Македонија има слабости во наплатата на ДДВ од воведувањето во 2001 година, а ефектите што ги очекува од повратот на ДДВ на граѓаните се поголеми приходи во буџетот и дополнителни средства кај домаќинствата кои се проценуваат на годишно ниво на 25 до 30 илјади денари.

– Граѓаните го плаќаат ДДВ-то кога купуваат, добиваат сметки и прашањето е од каде не се уплаќаат средствата во буџетот, вели премиерот и додава дека се очекуваат дополнителни 300 милиони евра во буџетот од овој ДДВ кој сега не се уплаќа и со што, како што истакна, се создава незаконско енормно богатење на поединци во државата за сметка на даноците на државата кои треба да бидат распределени на сите граѓани.

Смета дека ќе има можност со оваа мерка 50 проценти од наплатеното да биде вратено кон граѓаните, а 50 проценти како поголем приходот за државата.

Според него, тоа ќе бидат 15 милијарди денари дополнителни средства на ставката во буџетот од ДДВ која е приближно 54 милијарди денари.

– Убеден сум дека ваквата мерка ќе ја зголеми дополнително потрошувачката моќ. Нема да зафати дополнително пари од граѓаните и единствен резултат ќе биде тоа што државата ќе си го наплати делот што не го наплаќала досега, рече премиерот.

Одговрајќи на дополнително прашање од Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ дали Владата има намера да престане со политиката на зголемување на давачките, Заев рече дека единствената давачка која се зголемување е акцизата кај нафтата.

– Сите овие пари се насочени за исплаќање на долгови што се наследени, а се мегаломански. Во досегашнтие шест месеци има вратени повеќе од 120 милиони евра долгови кои апсолутно биле непотребни за државата да ги носи. Зборувам за долгови за музеи, згради, споменици и други глупости што се направени. Сакаме да добиеме чесна шанса како Влада да ги испорачаме мерките што сме ги ветиле или се генерално потреба на граѓаните и од тој аспект се обидуваме не секгаш преку кредити да ги платиме долговите на државата, рече Заев.

Спроед него, апсолутно непотребно е она што се правело претходно и оти Македонија нема капацитет да троши повеќе од 700 милиони евра на згради и бронза бидејќи тоа не е инфраструктура и нема поврат на парите кон државата.

Досега, посочи, новата Влада направи заштеди во буџетот преку 50 милиони евра со намалување на непродуктивните трошоци и, како што рече, чесните постапки на јавните тендери што се спровеведени.

Истакна дека во здравството долговите се 60 милиони евра, а дека за објектите од проектот 2014 сега се доспеани 130 милиони евра кои треба да се платат од некои ставки во буџетот.

Повтори дека е важно во Македонија да има правично оданочување и оние кои имаат повеќе од 1.000 евра и на тоа што е над 1.000 евра да платат данок од 18 проценти, а до 1000 евра девет отсто.

– Во РМ 90 отсто од граѓаните имаат плата пониска од 1.000 евра, само 2-3 до пет отсто или до најмногу 10 проценти имаат поголема плата од 1.000 евра. Ја правиме анализата, не сакаме насилна политика но сме убедени дека дебата ќе покаже дека во Македонија има доволно потенцијал сите што земаат над 1.000 евра за сметка на тие примања ќе може на 90 отсто од граѓаните од 10 отсто персонален данок да им намалиме на девет проценти, рече премиерот.

Посочи дека намерата не е да го полнат државниот буџет преку зголемување на давачките, туку преку подобрување на наплатата и зголемување на еконмијата.

– БДП е проектиран на 3,2 проценти и тоа ќе се случи. Убеден сум дека ќе сториме се да го надминеме тој процент, затоа што има 19 странски инвестиции кои се дојдени во Македонија, а имаме и директни инвестиции во нови производствени погони – 10 од домашни компании и тоа ќе даде резултат, рече премиерот.

Убеден сум, рече Заев, дека економијата во Македонија ќе расте и тоа ќе го зголеми стандардот на граѓаните. – Граѓанити ќе чувствуваат подобрување на својот стандард, а со чесните политики ќе обезбедиме квалитетни средства во буџетот, додаде тој.

Најави дека на првата наредна седница на Влада ќе се донесе одлука секој договор од јавни набавки да стане достапен за јавноста, при тоа посочувајќи дека договорите сега се кријат и оти и тој како премиер не може да дојде до нив.

– Се кријат енормните пари што се потрошени, а не требало да бидат потрошени на нечесен начин, рече Заев одговарајќи на пратеничко прашање на собраниската седница.