Заев – Пенс: Преспанскиот договор обезбедува заслуженото место во евроатлантските структури

Пораки на охрабрување за Договорот од Преспа, добил премиерот Зоран Заев од потпретседателот на САД Мајк Пенс на днешната средба во Вашингтон.

Како што напиша Заев на својата фејсбук страница, Пенс ги поздравил  одговорноста и одлучноста при постигнувањето на Договорот.

– Можноста да разговараме со потпретседателот на САД Мајк Пенс  доаѓа во клучен историски момент за Република Македонија. Од потпретседателот Пенс добивме пораки на охрабрување за одговорноста и одлучноста при постигнувањето на договорот од Преспа. На средбата беше истакнато дека со Договорот го обезбедуваме заслуженото место во евроатлантските структури. Со тоа го осигуруваме мирот, стабилноста и просперитетот за нашите граѓани, наведува Заев.

По состанокот, Пенс на „твитер“ напиша дека Вашингтон дава силна поддршка на, како што нагласува, историскиот Договор со Грција.

Прес-службата на Владата на РМ вечерва соопшти дека Пенс на средбата со Заев пренесе пораки и од претседателот на САД Трамп за поддршката на Вашингтон за покажаната храброст и лидерство за спроведување на неопходните реформи во земјата и за постигнатиот Договор со Грција што го отворија патот за членството на Република Македонија во НАТО и ЕУ.

Според владината прес-служба, станало збор и за можноста заеднички да биде прославен приемот на Македонија во НАТО наредната година.

Средбата се реализира на покана на потпретседателот Пенс, а следува по посетите на американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и на помошникот државен секретар Вес Мичел на Македонија и искажаната поддршка за претстојниот референдум и интеграцијата на земјата во НАТО и ЕУ.