Заев: Не предвидовме дека Македонија е душмански ограбена


Не предвидовме колку е здробена државата, финансиски урнисана и душмански ограбена, па затоа не успеавме да реализираме некои од предвидените проекти, рече премиерот Зоран Заев од собраниската говорница на седницата за интерпелација на Владата. Тој додаде дека власта останува и нема да се жали.

„Не сакаме да земаме кредити од стотици илјади, па со тоа да расте долгот, од коj е вратен еден процент. Ние сме во време на враќање огромни долгови. 280 милиони евра за ‘Скопје 2014’, 60 милиони евра за здравството, 50 милиони евра во Министерството за внатрешни работи, 30 милиони евра во Министерството за одбрана и така натаму“, рече Заев.

Премиерот во одговор на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Крсто Јовановски, за отпуштените вработени во државни институции, тврди дека сè што прават е законски, а отпуштени се само работници што биле со договор на дело. Заев пропустот го гледа кај претходната власт велејќи дека таа требало да им даде решенија за вработувања.
Претходно координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев го обвини премиерот дека е предводник на „најнеспособната, нејнеработливата и најкриминалната влада во македонската историја“.

-Оваа влада покажа и докажа дека нема капацитет за водење на институции и наместо да решава проблеми на граѓаните, работи исклучиво за своите партиски и лични интереси и за задржување на климавата коалиција со ДУИ. За да останете на власт, ги подривте националните и државните интереси. Повеќе нема демократија, премиерот и министрите во исто време се политичари, судии, обвинители и бизнисмени. Ги партизирате сите институтции, се бркаат од работа и се деградираат професионалнци. Судството е заробено, се кршат Уставот и законите, што се покажа со носењето на Законот за јазици. Дојде живот само за владините и партиските функционери на СДСМ – рече Данев.Тој додаде дека незадоволни од актуелната влада се пензонерите, лекарите, пензионерите, младите, старите…

Дали ќе одговараат функционерите на ДУИ, праша пратеникот Влатко Ѓорчев по обвинувањата на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, за криминално владеење на претходната власт.

– Обвинувавте дека владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ била криминална. Па, добро, ќе одговара ли некој од ДУИ? Не. Се удрила полицајката во „пајакот“. Нема да одговара никој од ДУИ. Двајца да кивнат, ќе ви падне Владата – реплицира Ѓорчев.Претходно Шекеринска посочи дека единствено се согласува со опозицијата дека некои од граѓаните се разочарани, но, според неа, од други причини.

– Луѓето се разочарани зашто десетмина од потпишаните на барањето за доверба на Владата треба да лежат сто години робија. Нема правда зашто се трудите уште со врски да го држите судството да ги спаси тие што денеска не се тука – рече Шекеринска.