Заев: Немав право да ги покажам разговорите за „Монструм“, ама морав

Премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, изјави дека можеби немал право на родителите на убиените деца кај Смилковско езеро да им ги покаже прислушуваните разговори, но морал да го стори тоа почитувајќи ја нивната болка за изгубените чеда.

„Таму има сериозни индиции и моја должност беше да ги предадам до Специјалното јавно обвинителство. И тоа го сторив. На родителите им покажав како обвинетиот Фејзи Азири разговара со тогашниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта и го моли да му бидат исплатени субвенциите. Им ги покажав и скриените броеви од мобилните телефони. Можеби немав право на тоа, ама морав, почитувајќи ја болката на родителите што изгубиле свое дете. Нивната болка заслужува дополнителна транспарентна истрага“, рече Заев.

Пратеникот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ го праша претседателот на Владата дали чувствува макар морална одговорност што цело време манипулираше со разговорите за случајот „Монструм“, играјќи со судбината на ожалостените семејства, за на крај да им каже дека во „бомбите“ всушност се разговарало за субвенции.