Заев: Македонија ретко добива ваква шанса – да влезе во европското семејство

СДСМ засега нема проекција колку пари ќе потроши за кампањата за референдумот, но сите пари што од буџетот ќе бидат потрошени за таа намена единствено и исклучиво ќе бидат за закуп на медиумски простор, изјави премиерот Зоран Заев денеска во Крива Паланка, каде присуствуваше на чествувањето на празникот „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“.
– И тука би сакал да расчистам една нејаснотија – тоа не се пари што ќе се делат по пратеници. Како тие средства ќе бидат распределени е во согласност со тоа кој е „за“, а кој „против“ референдумот, согласно изјаснувањето на самите пратеници, рече Заев.
Според него, СДСМ за референдумот ќе се обиде да влезе во коалиција со многу политички партии, и оттука ќе зависи и буџетот на коалицијата со која ќе настапат пред граѓаните.
-Но, не верувам дека ќе бидат потребни повеќе од 300-400 илјади евра, бидејќи самиот референдум не е како парламентарните избори и не бара многу трошоци за кампања, објасни премиерот.
„Нашите намери се референдумот да мине во што попријатна и попривлечна атмосефа за граѓаните, поразлична од какви и да било други изборни процеси“.
-И затоа верувам дека граѓаните во таква пријатна атмосфера ќе излезат и ќе гласаат „за“, рече Заев од Крива Паланка.
Одговарајќи на новинарски прашања премиерот кажа дека засега нема закажана средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, иако, додаде, „секогаш има потреба од средби меѓу премиерот и претседателот на најголемата опозициска партија“.
На прашањето дали е законски партиите да повикуваат на бојкот на референдумот, Заев појасни дека сака во државата секој да може да си го каже својот став, но дека Македонија ретко добива ваква шанса да влезе во европското семејство.
– Ние мораме да ја искористиме историската шанса, бидејќи не е лесно по 27 години да се постигне таков чувствителен договор со Грција, што ни ги отвори вратите кон ЕУ, кон подобри перспективи, економски просперитет, задржување на младите во државата, зачувување на територијалната целост на ова парче земја, оставено од нашите татковци и дедовци. И затоа јас верувам дека граѓаните со гласањето „за“ ќе ги обезбедат потребните две третини пратенички гласови за продолжување на формално-правните прцедури во Парламентот,, објасни премиерот Заев од Крива Паланка.