Заев: Клучно е да ги мотивираме младите да спортуваат

Мисија на оваа Влада е да го промовира спортот во Република Македонија, со посебно внимание на младите спортски таленти. Спортот е најдобриот амбасадор посебно за малите држави. Клучно е да ги мотивираме граѓаните, а посебно младите да спортуваат. Ова го истакна премиерот Зоран Заев, кој во пресрет на одржувањето на годинашниот „Виз ер скопски маратон“ денеска се сретна со светската шампионка и главен промотор на маратонот Пола Редклиф и со претставници од организацијата на оваа манифестација.

Заев, како што соопшти владината прес-служба, ги запозна гостите со плановите за развој на спортовите во Македонија преку законски измени, кои меѓу другите мерки опфаќаат и механизми за даночни олеснувања за компаниите кои ќе се вложат во развојот на спортот во Република Македонија.

На средбата присуствувале и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски.

Гостите, како што се наведува во соопштението, го запознале премиерот со почетоците и развојот на овој скопски маратон низ годините, како и со светските резултати и постигнувања на Редклиф во маратонските трки. Тие изразиле благодарност за поддршката што ја добиваат од Агенцијата за млади и спорт во целокупната организација на оваа спортска манифестација.