Заев и Џафери го надмудрија Мицкоски: Владата ќе се проветрува додека ВМРО-ДПМНЕ митингува

Расправата за реконструкцијата на Владата ќе почне точно на годишнината од смената на власта, а не е исклучено да продолжи и следниот ден – кога ВМРО-ДПМНЕ треба да го одржи протестниот митинг на „Илинденска“.
Проширувањето на парламентарното мнозинство и првиот опозициски митинг по смената на кормилото на ВМРО-ДПМНЕ се наметнаа неочекувано како паралелни политички процеси, на годишнината од влегувањето на коалицијата на СДСМ и на ДУИ во владата. Од тој аспект, активностите на премиерот Зоран Заев и на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски се доживуваат во политички кругови како нивни паралелни обиди за зајакнување на позициите во моменти кои се одлучувачки за понатамошното етаблирање на државата на меѓународен план. Во тој контекст, се толкува и ТВ-дуелот Заев – Мицкоски, што опозицискиот лидер ненадејно го побара, а премиерот експресно го прифати, за набрзо потоа тој и да биде реализиран на јавниот сервис.
Во петок, на 1 јуни, е закажана седницата за избор на еден нов министер (за култура) и за потврдување на предложената ротација на кадри во министерствата за правда и за образование, како и за избор на неколку нови заменик-министри, меѓу кои има и кадри на скопската Беса и на ДПА, како нови партнери во Владата. Собранискиот деловник овозможува расправата за избор на нови членови на Владата да трае најмногу два дена, што значи дека дебатата за проветрувањето на кабинетот на Заев може да продолжи и во сабота на 2 јуни, за кога, пак, е закажан опозицискиот митинг пред владината зграда.
Ова е прв протест на опозицијата откако Мицкоски го презеде кормилото на ВМРО-ДПМНЕ – во декември минатата година, по што ги прекина секојдневните и не многу посетени партиски протести поради притворањата за настаните во парламентот на 27 април. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ не случајно го одбра 2 јуни за одржување на долгонајавуваниот протест, со оглед на тоа што овој датум паѓа в сабота, а истовремено се поклопува со годишнината од изборот на владата на СДСМ и на ДУИ. Но при планирањето на протестот, Мицкоски, веројатно, не претпоставувал дека тој ќе се совпадне со владината реконструкција што Заев ја најавуваше цели три месеци, за потоа спикерот Талат Џафери да го одреди 1 јуни како ден за нејзина „верификација“ во парламентот.
Сега, практично, ВМРО-ДПМНЕ е пред избор дали ќе ја пролонгира расправата за реконструкцијата на Владата до крајниот можен рок за нејзино завршување. Или, пак, опозициските пратеници ќе се воздржуваат од многу дискусија и од чести реплики, со цел расправата за изборот на новите министри и заменик-министри да заврши пред почетокот на опозицискиот митинг.
Претстојниот митинг ќе биде своевидна можност за збивање на опозициските редови и за пребројување на приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ, по серијата потреси низ кои помина партијата по смената на власта, што резултираше и со нејзина поделба на повеќе струи, особено по заминувањето на Никола Груевски од кормилото. Се очекува Мицкоски од „Илинденска“ да испрати, меѓу другото, уште еднаш порака за одржување предвремени парламентарни избори, како што бараше повеќепати во изминатите денови.
Од друга страна, кај владејачките партии засега нема расположение за излегување на предвремени парламентарни избори, што ги наметна како практика ВМРО-ДПМНЕ во 2008 година. Првичните коментари во владејачкиот табор се дека предлогот на Мицкоски е политички трик, со цел да го засили опозициското расположение и да мобилизира повеќе приврзаници на закажаниот протест.
Проширувањето на парламентарното мнозинство е еден од аргументите што му одат во прилог на СДСМ во однос на заложбите на партискиот лидер Заев за редовни парламентарни избори кон крајот на 2020 година. Заев во повеќе наврати изјавуваше дека е најдобро да се оди на редовни парламентарни избори, што би значело кон крајот на 2020 година и дека со тоа ќе се овозможи, меѓу другото, стабилизација на економијата и на бизнис-климата. Премиерот, сепак, во една изјава не исклучи можност за предвремени парламентарни избори, доколку се создадат неопходни околности за тоа, ама рече дека тоа би било евентуално заедно со претседателските избори – напролет следната година.
Ако се цени според средствата планирани за Државната изборна комисија во новата фискална стратегија за периодот 2019-2021 година, 2020 е определена како изборна година, исто како и 2019 година, кога треба да се одржат редовните претседателски избори. За овие години се предвидени далеку повеќе средства за ДИК, за разлика од буџетот со кој годинава (која не е изборна) располага оваа институција.
Според Мицкоски, пак, митингот на опозицијата на 2 јуни ќе значи почеток на падот на владата
„На 2 јуни ќе се собереме пред платото на Владата на Македонија, каде што ќе ја одбележиме оваа една година на чемер и јад, на влада на СДСМ предводена од Заев. Ќе понудиме решенија, нови политики, но и ќе почне падот на владата на СДСМ, која се надевам дека ќе биде конечно поразена на предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски за време на продолжениот викенд.
Тој нагласи оти се надева дека што е можно побрзо ќе бидат остварени и реализирани условите за да може опозицијата да се чувствува комотно и да излезе на предвремени парламентарни избори.

Александра М. Митевска