Заев и Ахмети го договориле кандидатот за претседател

Лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети според високи партиски извори, на вчерашната средба во Собранието, постигнале договор околу кандидатот со кој би настапиле на претседателските избори. Името на т.н. консензуален кандидат се очекува да биде соопштено утре, со оглед на тоа што Заев не е денеска во државата.

За кандидатот што го договориле лидерите на двете најголеми владејачки партии, според информациите, потоа ќе се бара согласност од другите  партии во коалицијата, како и од Извршниот и Централниот одбор на СДСМ. Имиња не се соопштуваат, освен дека  постапката за евидентирање на можните кандидати во општинските организации на СДСМ дефинитивно ги исфрли како фаворити Радмила Шекеринска и Оливер Спасовски, како автентични партиски решенија и Никола Димитров и Стево Пендаровски, како можни непартиски кандидати. По вчерашната „помирувачка“ средба Заев – Ахмети, сепак,  најмногу шанси им се даваат на Спасовски и на Пендаровски, во зависност од тоа дали одлуката е да се оди со партиско или непартиско решение. (А.М.М.)