Заев:Владата ќе продолжи со политика на поддршка на спортот

Владата на Република Македонија ќе продолжи со политиката на поддршка на спортот. Во таа насока и новините што ги разработуваме, со почеток од наредната календарска година, како воведувањето спортски ваучер, со шест милиони евра средства за поддршка на севкупниот спорт во земјата. Тука се и веќе договорените финансиски средства од новиот буџет во висина од 2,5 милиони евра за изградба на Дом на спортовите каде ќе бидат сместени сите спортски федерации.

Тоа денеска пред спортските новинари од регионот го истакна премиерот Зоран Заев на отворањето на Конгресот на новинарите од спортските редакции на државите од Југоисточна Европа што се одржува во Охрид.

-Ние веруваме дека ако спортот оди напред, тоа е потврда за развојот и растот на државата. Како политика сме должни и натаму да даваме сериозна поддршка на спортот. Вам спортските новинари Ви се заблагодарувам на професионалноста во дејноста што ја вршите. Она што би сакал да го нагласам е дека доколку сите ние професионално си ја извршуваме дејноста, амбиентот во земјите од регионот ќе биде подобар, помотивирачки и подостоинствен за севкупно живеење, рече Заев поздравувајќи ги сите општествени чинители и стопански субјекти што издвојуваат средства за поддршка на спортот.

Дарко Каевски, директорот на Агенцијата за млади и спорт пред присутните ја нагласи моќта на спортот да сплотува, да го гради принципот на почит кон противникот и фер-играта како принципи потребни на секое општество.

-Секој успех во спортот претставува мотив за натамошно инвестирање, како во физичката активност, така и во начинот на градење на вистинските вредности во општеството. Тука се и правилата за спортско однесување на теренот и на трибините. Само со почитување и практикување на спортскиот бонтон спортот ќе ја изврши својата улога на социјален и меѓуетнички интегратор, рече меѓу другото Каевски посочувајќи ја важноста и на спортското новинарство да привлече, мобилизира, инспирира поединци, тимови, држави и на тој начин да промовира мир, толеранција, солидарност…

На собирот во Охрид учествуваат претставници на асоцијациите на спортските новинари од 15 држави од регионот на Југоисточна Европа, како и на меѓународните здруженија на спортски новинари, спортски работници, спортисти и претставници на компании од земјата што се активни помагатели и поддржувачи на спортот.