Загадено, според Уставот и законите
Марија Павлеска
Пред два дена, на 31 октомври, Европската агенција за животна средина ја рангираше Македонија како најзагадена земја во Европа. Во извештајот на агенцијата, Македонија е „лидер во Европа“ со повеќе од една третина повисоки нивоа на PM 2,5 од земјата што следува по неа во извештајот. Наодите од извештајот се базираат на податоци од 2015 година, собирани од повеќе од 2.500 локации во Европа. Во извештајот се нагласува дека кај земјите членки на ЕУ нивоата на загадување се намалени, но сепак се далеку од стандардите кои Унијата и Светската здравствена организација (СЗО) ги имаат поставено.
Покрај оваа лидерска позиција, минатата недела Државниот завод за статистика (ДЗС) објави дека во 2017 година пораснала стапката на сиромаштија во однос на минатата година. Па така, во 2016 година сиромашни биле 445.000 граѓани, а во 2017 година ним им се приклучиле уште 15.000 граѓани, па бројката нараснала на 460.000 сиромашни или 22,2 отсто од населението.
Во февруари, исто оваа година, излезе уште еден извештај, овој пат на „Транспренси интернешенел“. Во него податоците ја рангираа Македонија како најкорумпирана држава на Балканот и во регионот и како една од најкорумпираните земји во Европа, според Индексот за перцепција на корупцијата за 2017 година.
Само еден месец претходно, во јануари, анализите на „Галуп“ и Еуростат, кои кај нас ги објави „Рефлектор“, покажуваат дека – колку сиромаштијата е повисока, толку луѓето се порелигиозни. Можеби веќе погодувате. Македонија споредена со останатите земји во Европа се наоѓа највисоко на оваа листа. Според податоците од истражувањето, се покажало дека религијата игра особено важна улога во посиромашните земји, која на населението му служи како надеж во секојдневните битки, за разлика од развиените земји каде што материјалните средства се помал проблем.
Иако сите четири податоци се крајно сериозни, ние некако низ годините научивме да функционираме во сиромаштија и со висок степен на корупција. Меѓутоа, кога воздухот што се дише предизвикува повеќе од 500.000 смртни случаи во Европа секоја година, а ние сме највисоко рангирани на скалата, треба сите сериозно да се запрашаме за политиките што се водат во однос на заштитата на животната средина.
За време на референдумската кампања, повеќемина европски лидери ја посетија нашата земја. Ако сега пробате да се присетите на нивните говори, во ниту еден од нив нема да пронајдете дел каде што тие јавно реагираат на состојбата на неквалитетен (читај отровен) воздух во Скопје, па и во цела Македонија. Можеби не е најдипломатски да не подучуваат на прес-конференции за филтри, намалување на екстремни градежни активности и начини на ракување со отпад; но нели здравјето/животот на човекот треба да биде приоритет? Нели сите закони, а и оние европските што ќе ги усвојуваме, постојат пред сè за да го заштитат човекот?
Дали издвојувањето 160.000 евра од буџетот на Министерството за животна средина за кампањата на референдумот, наместо за еколошки проекти и мерки за заштита, може да биде паметен потег?
Тогаш претставници на Министерството информираа дека таа сума е минорна во однос на средствата што Македонија ќе ги добива откако ќе стане членка на ЕУ и НАТО. Напоменато беше и дека тие 160.000 евра не се од буџетот наменет за борба против аерозагадувањето, туку пари наменети за други работи на Министерството. Оттаму дополнија дека справувањето со загадувањето се работи со масовни инвестиции во зелени иницијативи, најверојатно имплицирајќи дека 160.000 евра се ситнеж.
Објективните околности ја одредуваа позицијата од која некој говори, па Роланд Барт тука би рекол: „Мора да се објави системот на читање, затоа што неутрален систем нема.“
Ако за претставникот на Министерството за животна средина 160.000 евра се малку пари за да може со нив да се направи подобрување на животната средина, тие за еден екологист се долго сонувана сума која може да се употреби ефективно и која ќе придонесе за можеби мали, но значајни резултати.
Британскиот весник „Гардијан“ преку објави и известување за смртта на секој екодефанзивец се надева дека ќе ја подигне свеста за смртоносната борба на еколошката линија. Во 2017 година во светот неделно биле убивани по речиси четири еколошки бранители, или вкупно 197 лица кои минатата година ги изгубиле животите во одбрана на земјиштето, дивиот свет или природни ресурси. Овие податоци ги собира интернационалната организација „Глобален сведок“ (Global witness).
Бертранд Расел во своето дело „The Scientific Outlook“ пишува: „Во современиот свет постои големо тело на добро втемелено знаење… но штом се замеша некој силен интерес за судот на експерти да го направи пристрасен, тој експерт станува неразумен.“
Па, така, ќе има комплекс кај Старата железничка станица во Скопје, ќе има зграда кај Мајчин дом, ќе има депонија во с. Годивје во Дебрца и така во недоглед.
Старата железничка станица е еден од симболите на Скопје. Заедно со часовникот што го означува времето на земјотресот. „Со градење околу овие симболи на градот, ќе се уништи неговата силуета и историја“, реагираа од иницијативите на активисти и архитекти. Но градоначалниците што дојдоа на власт со ветување за мораториум на градежни активности во Центар, овој пат ја гледаат убавината на бетонот, наместо важноста на прекинот на градежни активности и заштита на подрачјето со толкава културна и историска значајност.
Може да протестираме колку сакаме, но ќе ни биде укажано дека сè е најсоодветно како што е зацртано и дека сè е во согласност со Уставот и законите.
Жителите на Дебрца минатата година во октомври одржаа и референдум против изградбата на регионална депонија во Годивје. Референдум со 68 отсто излезеност, од кои 87 отсто се изјасниле против изградба на депонија. Референдумот беше успешен.
Тука некој не разбира дека под демократија се подразбира: „државните одлуки се спроведуваат директно или индиректно од страна на мнозинството граѓани преку праведен изборен процес“ (Википедија). Како инаку некој може да се осмели да најави дека ќе разговара со овие жители на Дебрца за да им укаже дека локацијата е најсоодветна и дека токму таму треба да се гради депонија, а за аргумент да биде наведено дека во спротивно ќе се изгубат парите добиени од ИПА-фондовите.
Од Обединети нации алармираат дека светот има десет до дванаесет години да преземе мерки во справување со климатските промени. Нас и ова може да ни го протолкуваат: нема климатски промени, додека не влеземе во НАТО и ЕУ. Затоа што демократија не е облик на владеење на народот, туку алатка за толкување на статистики, зарем не?