Загадениот воздух ги оштетува и бубрезите

Честата изложеност на организамот на загаден воздух влијае врз сите аспекти на здравјето, но новите истражувања покажуваат дека може и тоа како да влијае и врз функцијата и работата на бубрезите.

-Загадувањето не ги погодува само срцето, респираторните органи или белите дробови. Високите концентрации на штетни честички во воздухот го зголемуваат ризикот од заболување на бубрезите и можат да предизвикаат и нивно откажување-пишува„Нашионал Географик“.

Студијата, која е објавена во списанието „Journal of the American Society of Nephrology“, ја открива врската меѓу загадениот воздух и ризикот од намалување на функцијата на бубрезите. За потребите на ова истражување, научниците од Медицинската школа на Универзитетот во
Вашингтон и епидемиолошките центри анализираа податоци и го споредуваа степенот на болести на бубрезите меѓу граѓани кои живеат во разни делови на САД со податоци за различниот квалитет на воздухот врз основа на анализите од тамошната Агенција за заштита на животната
средина.

Податоците вклучуваат податоци за 5 милиони луѓе во период од осум години. Тимот истражувачи барал и податоци од НАСА за загадувањето на воздухот за да добие што поточни податоци. Резултатите покажале 44.793 нови случаи на пациенти со болести на бубрезите во споменатиот период и 2.438 нови случаи на пациенти на кои им откажале бубрези во средините со високо ниво на загаденост на воздухот.

– Тоа што е впечатливо е дека податоците на НАСА дадоа идентични резултати, што е многу важен знак дека постои врска меѓу изложувањето на загаден воздух и болестите на бубрезите. Ако направите мапа на светот и ги обележите сите места каде се јавуваат болести на бубрезите,
ќе забележите дека најчесто се преклопуваат со подрачјата на многу загаден воздух – изјави главниот истражувач, Зијад Ал-Алу.

Загадениот воздух и натаму предизвикува прерана смрт на милиони лица ширум светот. Според податоците од последниот годишен извештај на Европската агенција за животна средина, само во Европа годишно умираат по 500.000 граѓани од причини кои се директно поврзани со загадувањето.