Заболените хоспитализирани, вакцините ќе станат задолжителни

Четири од петте деца заразени со морбили, односно мали сипаници се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, заедно со еден возрасен пациент кој е во роднинска врска со едно од децата. Сите се изолирани и во стабилна состојба, додека преостанатото дете е на домашно лекување. Овие деца, кои заболеа од морбили, не биле вакцинирани со ММР.

Од средата градинката во која оделе децата, „Ташко Караџа“, од скопската населба Радишани, е затворена. Нема да работи две недели, а Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство ваквата одлука ја донесе во средата, кога прогласи епидемија за да не се прошири заразата и за да не се заболат и други деца. Надлежните, исто така, препорачаа другите деца од градинката да не излегуваат надвор за да не се прошири заразата. Веќе е извршена дезинфекција на градинката во која биле запишани 223 деца, а во овој период во просек ја посетувале 104 деца.

Епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје истакна дека на децата на возраст од шест месеци до 14 години кои не се вакцинирани ќе им биде пратена покана за вакцинација. Очекуваат 100.000 вакцинални картони да бидат проверени во наредните неколку дена и да најдат до 15 отсто невакцинирани деца. Потенцира дека вакцината е безбедна, сигурна и единствена заштита од малите сипаници кои се сериозно заболување и можни се компликации.

„Едно од 20 деца може да добие пневмонија, а едно од илјада деца може да добие воспаление на мозокот, што може да заврши и со смртен случај. Во Македонија беше регистриран еден смртен случај во 2011 година од епидемија на мали сипаници. Детето може да биде заразено три дена пред да се појават првите симптоми. Препорачуваме, вакциналните пунктови во здравствените домови да спроведат вакцинација за сите деца на возраст од една до 14 години на територијата на целата земја, кои досега биле пропуштени или невакцинирани од која било причина. Но, само како вонредна мерка за децата од скопската населба Радишани, се препорачува вакцинација од шестмесечна возраст. Сите деца што ќе бидат вакцинирани во овој момент, а се на возраст од шест до 15 месеци, подлежат на примање на уште една доза вакцина од 18 до 24 месеци“, изјави Микиќ.

Периодов, рече министерот за здравство Венко Филипче, на територијата на целата држава во вакциналните пунктови ќе се направи проверка на картоните и врз основа на резултатите ќе биде спроведена вакцинација на децата од една до 14 години. Се формира работна група од епидемиолози, педијатри, претставници на министерствата за труд и социјална политика и од образование за да се зајакне регулативата во спроведувањето контрола на тоа кои деца при уписот во градинка, основно училишта и на факултет се вакцинирани или не и како се спроведуваат мерките што се однесуваат на казнените одредби за родителите, чии деца не се вакцинирани поради тоа што ја одбиваат вакцинацијата.

„Се формира работна група која ќе изготвува измена и

дополнување на важечката законска регулатива поврзана со надзорот на

заразни заболувања и спроведувањето на вакцинацијата. Во работната група ќе

учествуваат експерти од повеќе области од превентивна, примарна, секундарна и терцијарна здравствена заштита, правни експерти и од Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Тоа е единствената превентивна мерка со која ќе го заштитат здравјето и животот на своите деца. Колективниот имунитет е еден од клучните фактори за неширење на болеста и за спречување поголеми епидемии. Секоја епидемија треба да се сфати сериозно, со целосна одговорност како на институциите така и на населението“, рече Филипче.

 

Здравствените власти посочија дека треба да се направат промени во законите за упис во училиште и во градинка преку кои ќе се забрани упис без примени вакцини. Заменик-министерот за образование Петар Атанасов за „Независен весник“ вели дека тоа мора да биде законски регулирано.

„Мора да биде законско решението, ако не биде законско, не може да се спроведува. Треба детето да ги има примено сите потребни вакцини за возраста за да се запише во училиште. Ќе мора да разговараме со министерот за здравство, ако го стартуваме новиот закон за основно образование, од јануари ќе треба и тоа да го имаме на ум“, истакна Атанасов.

Алармот за вакцинација здравствените власти го вклучија зашто последнава епидемија од морбили е трета годинава, по онаа во Дебар кога заболеа 20 лица, и општината Сарај каде што беа заболени три лица. Надлежните објаснија дека едно заразено лице може да зарази дури дваесетина други и дека е можно 136 луѓе да се заразени со мали сипаници

Претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова, рече дека има доволни количини ММР-вакцини, односно дури 16.854 дози од кои 3.000 се распределени по вакциналните пунктови во Скопје. Укажа дека вакцината е од реномиран производител.

Епидемијата на мали сипаници е последица од неколкугодишните негативни кампањи против вакцинирањето, особено за вакцинацијата со ММР. Опфатот со вакцинација е мал, особено во првите неколку години од животот. Најмал е опфатот кај децата од една, две и три години, а понатаму процентот на вакцинација расте. Во Скопје опфатот беше 78 отсто минатата година, а треба да биде повеќе од 95 отсто, додека во 2016 година, кога се родени децата што се сега заразени со морбили, опфатот бил 67 отсто.

Вероника Мароска-Леова