Жителите во Пржино останаа без „16-ка“

Жителите на населбата Пржино останаа без последната станица на автобуската линија „16“, која што ги поврзуваше до центарот на Скопје. Тврдат дека сега во нивниот дел не стигнува редовно „крвотокот на градот“, како што ЈСП го нарекува својот возен ред, поради што не можат навреме да ги планираат и извршуваат своите обврски.

„Вака е веќе еден месец. Сопственичката на куќата во чија близина е последната станица, се жалеше до властите, па тие најпрво ја дислоцираа педесетина метри подолу. Но, потоа се бунеше и човекот што живееше блиску до станицата, па сега автобусот воопшто не застанува, туку врти небаре е обична станица. Проблемот е што порано точно се знаеше во колку часот тргнува автобусот и тоа на секои 20 минути, а сега може да го нема половина час, а да дојдат два за десет минути. Конкретно, имаше автобус што тргнуваше во 7.40 часот и кој за десетина минути беше во центарот, па луѓето и учениците можеа да си ги планираат обврските. Сега се случува во 7.30 часот да помине автобус, а следниот да дојде во 8.10 часот, па уште еден во 8.13 часот“, се жалат во Пржино.

Од ЈСП Скопје велат дека направиле компромисен потег откако добиле барање од Град Скопје и од полицијата за дислокација на последната автобуска станица број „16“ и оти ситуацијата засега останува таква, а не знаат дали и кога ќе се промени.

Ова прашање беше поставена и од страна на советниците на последната седница на Град Скопје.