Ждрепката на групите за СП 2018 доверена на Гари Линекер

Гари Линекер ја доби довербата да раководи со ждрепката на групите за Светското фудбалско првенство во Русија во 2018 година. Десна рака на легендарниот напаѓач на англиската репрезентација ќе биде руската новинарка Марија Команднаја. Свеченоста е закажана на 1 декември во Кремљ. Водителската двојка ќе има и осум асистенти меѓу кои, засега, е познат само Никита Симонјан.

„Во кариерата имав среќа да учествувам на две Светски првенства. Познато ми е чувството на возбуда кога чекате да ги дознаете имињата на противниците во групата. Мило ми е што како личност што ќе ги соопштува резултатите од ждрепката ќе бидам дел и од трет мундијал“, рече Линекер.

Линекер заврши како најдобар стрелец на СП 1986 во Мексико. Во клупската кариера настапуваше за Барселона, Евертон, Лестер, Нагоја и Тотенхем. По завршување на кариерата работеше како презентер на мечевите во англиската Премиерлига и на Лигата на шампиони на УЕФА.