ЕХФ го казни Вардар со 15 илјади евра за хомофобичен транспарент

Европската ракометна федерација (ЕХФ) го казни македонскиот тим Вардар со 15.000 евра поради транспарентот „Талант Петух“  (Талант пе*ер), кој беше истакнат на натпреварот против Киелце во Лигата на шампионите во СЦ „Јане Сандански“, кој се играше пред месец дена.

Навредата е упатена кон тренерот на полскиот тим, Талант Душебаев, а во текот на целиот меч беше во кадарот на ТВ камерите. Самиот Душебаев реагираше на прес-конференцијата поради транспарентот.

Дисциплинската комисија при ЕХФ во своето објаснување посочи дека содржината на транспарентот ги крши принципите кои ги сочинуваат основните вредности на спортот“, како и дека Вардар го „толерирал навредливото и хомофобичното однесување во текот на натпреварот“.

Вардар има рок од седум дена да се жали на одлуката на ЕХФ.