ЕУ: Рускиот закон за странски медиуми е нова закана за слободата на медиумите

Европската унија упати критики кон Русија за законот според кој странски медиуми кои работат во Русија ќе се регистрираат како „странски агенти“, соопшти дипломатската служба на ЕУ.

Во соопштението се наведува дека законот е во спротивност со обврските на Русија за почитување на човековите права.

– Тоа е нова закана за слободата и независноста на медиумите и пристапот до информации, како и уште еден обид да се намали просторот за независни медиуми во Русија, наведува Службата за надворешна политика на ЕУ.

Законот, кој доби остри критики од организациите „Хјуман рајтс воч“ и „Амнести интернешнл“, ги обврзува медиумите да поднесат извештај пред властите за финансиската состојба и да се декларираат како „странски агенти“.

Во соопштението од дипломатската служба се додава дека позицијата на ЕУ за рускиот закон за странски медиуми е јасна – ги засилува ограничувањата за остварување на основните слободи во Русија, го апсорбира малиот ресурс на невладини организации и го потиснува независното граѓанско општество во земјата“.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера го потпиша законот со кој властите им овозможуваат на странските медиуми кои работат во Русија да се регистрираат како „странски агенти“.

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите Арлем Дезир минатата недела изрази загриженост поради мерките на САД и Руската Федерација со кои од медиумите од други земји се бара да се регистрираат како „странски агенти“.

ОБСЕ соопшти дека Министерството за правда на САД побарало од медиумите кои работат за „Раша тудеј“ во САД да се регистрираат во согласност со Законот за регистрирање странски агенти, додека, како одговор на тоа, руската Државна дума го измени законот за медиуми дозвојувајќи им на властите одделни медиуми да ги нарекуваат „странски агенти“.

Истовремено, повеќе медиуми поврзани со САД, вклучувајќи ги и „Гласот на Америка“ и „Радио Слободна Европа“, добија известување од руското Министерство за правда за потребата да се регистрираат како „странски агенти“.