ЕУ побара од Албанија да се фокусира на реформите

Амбасадорот на мисијата на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца денеска ја повтори пораката дека земјите од ЕУ ги следат резултатите на албанската Влада во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

– Она што земјите членки го очекуваат од Албанија беше јасно кажано во јуни минатата година, а тоа е да се консолидира напредокот на клучните приоритети и особено да се дадат конкретни резултати во борбата против корупцијата и организираниот криминал, порача Сореца.

Амбасадорот подвлече дека реформата во правосудството базирана на проверката на потеклото на имотот на судиите и обвинтелите, позната како ветинг, функционира и е неповратна, но оти мора да има континуирана историја на кривично гонење и изрекување казни.

– Во последниве неколку месеци имаше многу охрабрувачки акции во спроведување на законот, кои не само што треба да продолжат, туку и да бидат проследени со континуирана историја на обвиненија и конечни казни. Исто така, неодамна видовме многу важен напредок во областа на правната реформа, со појавата на нови институции, што го отвора патот за назначување судии во Врховниот суд, како и за формирање на други високи судски инстанци, рече евроамбасадорот.

Тој посочи дека ЕУ ги поздрави последните случувања, но треба да се направи повеќе и оти би било погрешно доколку Албанија силно не се фокусира во тој правец следните месеци.