ЕУ Обсервер: ЕУ ќе ги прими Србија и Црна Гора во 2025 година

ЕУ се подготвува да се заложи 2025 година да биде крајниот рок за следниот бран на проширување, но споровите на Балканот би можеле да ги задржат работите назад.

“Партнерите од Западниот Балкан сега имаат историска можност. За прв пат, перспективата за прием  има  временска рамка за најдобар случај”, ќе порача Европската комисија во стратешкиот документ што ќе го  донесе на 14 февруари.

“Со силна политичка волја за испорака на вистински реформи и со трајни решенија за спорови со соседите, Црна Гора и Србија треба да бидат подготвени за членство до 2025 година”, стои во текстот на стратегијата до кој дојде ЕУ Обсервер.

Во неа ќе стои исто така дека Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија и  Косово треба да бидат добро напреднати на нивниот европски пат до тогаш, или според друга верзија дека ќе бидат добро напреднати во преговорите дотогаш.

Србија и Црна Гора веќе ги отворија разговорите за пристап, а Албанија и Македонија се надеваат дека ќе го постигнат тоа оваа година, ако Македонија  го реши спорот околу името со Грција. Босна се надева дека ќе добие статус на кандидат за ЕУ, додека Косово размислува формално да побара кандидатски статус. ЕК предупреди дека локалните спорови би можеле да го задржат она што го нарекува “амбициозна” временска рамка.

“ЕУ не може и нема да увезува билатерални спорови. Ова е причината зошто сите заинтересирани партнери од Западен Балкан мора да ги решат споровите како најитно прашање”, се вели во нацрт. Во неа се предлага граничните спорови  да се решаваат со арбитража, на пример, во Хаг, како и сите одлуки кои да бидат “обврзувачки, конечни” и “целосно се почитуваат”.

Спорот за името меѓу Македонија и Грција, според ЕУ Обсервер, може да се реши до јуни.

Листата на балкански спорови трае 20 години по завршувањето на војните. Хрватска и Словенија, кои веќе се членки на ЕУ, не можат да се договорат  каде поминува нивната поморска граница што, според  Јункер, може да го држи назад проширувањето. Хрватска, исто така, има отворени разговори за границата со Босна, Црна Гора и Србија. Косово се согласи околу својата граница со Црна Гора, но Приштина сега одбива да го испочитува овој договор.