ЕУ:Постигнaт договор за забрана за употреба на пластика

Европската унија постигна договор за забрана за употреба на пластика за еднократна употреба, како што се пластични тањири или сламки.

Австриската министерка за одржливост и туризам Елисабет Кестингер напиша на Твитер дека е постигнат договор, истакнувајќи дека станува збор за „пресвртница во напорите да се намали пластичниот отпад“.

Рамковниот договор треба службено да го потврдат земјите членки на ЕУ и Парламентот на ЕУ, а како што се очекува, ќе стапи во сила за две години.

Европската комисија во мај предложи забрана на повеќе пластични производи за еднократна употреба за кои постојат алтернативи кои не се од пластика, вклучувајќи и еднократни пластични садови за храна.

Повеќе од 80 проценти од отпадот во морињата е пластика, предупреди ЕК.

Пластичниот отпад е голем проблем затоа што бавно се разградува и во морските животински видови како што се желките, китовите или птиците често се пронаоѓаат пластични отпадоци, но и во морските плодови со кои се хранат луѓето.