Ердоган: Ќе воведеме безбедни зони во Сирија источно од Еуфрат


Турција источно од реката Еуфрат во Сирија ќе спроведе акција и ќе воведе безбедни зони како што направи во северозападниот дел на земјата, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

– Ако даде Господ, во иднина ќе го зголемиме бројот на безбедни зони во Сирија и подрачјето источно од Еуфрат, рече Ердоган во Њујорк, каде ќе учествува на Генералното собрание на ОН.

Турција пред операцијата во регионот Африн спроведе и операција насловена „штит на Еуфрат“ насочена и против борците на Курдската народна одбрана (ЈПГ) и борците на Исламска држава источно од Африн.

Ердоган и претходно предупредуваше на нови воени операции против ЈПГ долж границата со Сирија и, доколку е потребно, и во северен Ирак.

Ширењето на турската воена кампања на многу поголема територија која е под контрола на ЈПГ источно од Еуфрат, со себе носи ризик од спротивставување на американските сили кои се распоредени во тоа подрачје, коментираат светските агенции.

ЈПГ е главен сојузник на САД во борбата против Исламска држава во Сирија, поради што Анкара протестира со оглед на тоа дека ЈПГ го смета за огранок на екстремистичките групи кои со години предзвикуваа бунтови во југоисточна Турција.