Ердоган: Турција нема да протерува руски дипломати

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави денеска дека Турција нема да протерува руски дипломати врз основа на „едно тврдење“.

Ердоган потенцира дека само затоа што одредени земји преземале чекори врз основа на тврдење, „ние не мораме да преземеме ист чекор“, објави „Хуриет“.

Турската влада претходно соопшти дека не планира да ја следи политиката на НАТО и ЕУ сојузниците во протерување руски дипломати.

Повеќе од 25 земји, меѓу кои САД и многу членки на ЕУ, како и на НАТО, најавија дека ќе протераат вкупно 150 руски дипломати во знак на солидарност со Велика Британија поради нападот со нервен агенс на двојниот агент Сергеј Скрипал во Англија, за што Лондон ја обвини Москва.