Ердоган до бизнисмените: Вонредната состојба ве штити од штрајкови

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска им порача на бизнисмените дека не треба да бараат укинување на вонредната состојба туку дека треба да ја поздрават и поддржат, бидејќи таа штити од тероризам и не дозволува штрајкови на работниците. Парламентот неделава гласаше за продолжување за уште три месеци на вонредната состојба, која е воведена по неуспешниот обид за преврат во јули 2016 година. Ова е седмо продолжување на вонредната состојба во земјата.

„Режимот на вонредна состојба ги засега единствено терористите. Таа исто така не дозволува и организирање штрајкови на работниците. Тоа е борба против тероризмот“, нагласи Ердоган на средба со бизнисмени во Истанбул.

Продолжувањето на вонредната состојба е критикувана од организациите за заштита на човековите права, но и од западните сојузници на Турција. Главната бизнис асоцијација во земјата, исто така, повика за брзо прекинување на тој режим.

„Нашите претприемачи велат дека вонредната состојба треба да биде укината, и тоа не е добро. Ние ќе ја продолжиме вонредната состојба поради мирот во нашата држава, и ќе го направиме тоа дури и десетти пат доколку е потребно“, рече Ердоган.

Според него, инвестициите во Турција не се загрозени од режимот на вонредната состојба.

Повеќе од 160.000 луѓе се затворени по неуспешниот преврат а слична е и бројката на државни службеници отпуштени од работа, соопшти ОН. Затворени беа и повеќе медиуми а новинари и активисти беа притворени.