Ердоган во историска посета на Грција


Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган утре ќе престојува во Грција. Се претпоставува дека темите за разговор со грчките власти ќе бидат фокусирани на мигрантската криза, регионалните односи и енергетиката.

За време на посетата, се очекува Ердоган да има средби со грчкиот премиер Алексис Ципрас, со претседателот Прокопис Павлопулос, како и со членовите на муслиманското малцинство во североисточниот дел на Грција.

Како што наведуваат грчките медиуми, мерките за безбедност за време на престојот на Ердоган во Грција ќе бидат засилени.

Грчките власти соопштија дека за време на неговата посета се забранети и демонстрации во центарот на Атина.

Реџеп Таип Ердоган ќе биде првиот турски претседател кој во последните 65 години стапнал во Грција. Посетата, чиј датум сѐ уште не е потврден, ќе се случи во наредните денови и ќе цели кон подобрување на билатералните односи, пренесуваат турските агенции.

„Нашиот претседател ќе биде првиот што ја посетил Грција во последните 65 години. Мислам дека посетата ќе доведе до значителни резултати“, изјави вицепремиерот на Турција, Хакан Чавушоглу.

Тој додаде дека во февруари следната година во Солун ќе се одржи Совет за соработка на високо ниво, во чиишто рамки ќе се разговара за превоз на стоки и патници од Солун до Измир, железничка линија меѓу Истанбул и Солун, како и мост меѓу грчкиот град Кипој и турската Ипсала на реката Марица.
Последниот турски претседател кој ја посети Грција беше Челaл Бајар во 1952 година.