Ерве Пјер: Кој е модниот советник на Меланија Трамп во Белата куќа ?

САД – Само 12 црни мали фустани, или можеби елегантна мастило сина боја, ја сочинуваат првата колекција која го носи името на Ерве Пјер по четвртина век во модниот свет. И сето тоа е благодарение на Меланија Трамп.

Откако првата дама на Америка го носеше неговиот фустан на инаугурацијата на нејзиниот сопруг – во чиста бела боја, обвиткан до рамо со каскадни набори и тесен црвен ремен со јазол – дизајнерот роден во Франција излезе од сенката и влезе во модниот свет.

„Без неа, верувам дека сè уште би бил скриен. Јас би бил писател дух“, вели Ерве, кој помина 15 години работејќи во „Каролина Херера“ по одреден период поминат во „Оскар де ла Рента“. Двајцата дизајнери ја облекуваа високата класа во Њујорк и Ерве може да наброи три поранешни први дами како негови клиенти: Хилари Клинтон додека работеше во „Оскар“; Лора Буш и Мишел Обама кога работеше во „Херера“.


Во врска со Меланија, која дизајнерот секогаш ја нарекува првата дама, тој е разбирливо дискретен велејќи само дека има направено четири фустани за неа; дека тој, исто така, дејствува како стилист, предлагајќи ѝ и други изгледи; дека, да, тој се среќава со неа и дека таа многу комуницира преку СМС-пораки.

„Мојата улога е да ја облекувам првата дама и да ја советувам – јас не сум стилист. Јас сум советник, и таа е непопустлива за тоа“, вели Ерве. „Кој може на една слободна жена да ѝ каже што да носи? Тоа е разговор, соработка. Без интелектуализација, мојот совет е даден со почит и има смисла“.
Со дискреција на дизајнер кој соработувал со високопрофилни клиенти откако работел во „Балмен“ во Париз на 23-годишна возраст – напредувајќи од практикант во креативен директор и воедно испраќајќи ѝ огромни кутии со интензивно украсени фустани на кралицата Сирикит од Тајланд – Ерве откри само неколку моменти од изминатава бајковита година.

Овие кратки описи вклучуваат преспивања во Белата куќа, каде што се вели дека ги почувствувал духовите, го видел „балетот“ на рацете кои во бели ракавици ги менуваат лустерите и сликаат сè, и како дискретно се обидувал да најде каде да ги измие рацете без да влезе во беспрекорната бања на првата дама.

И покрај тоа што 52-годишниот Ерве очекувано е шокиран поради неговиот сегашен момент на слава, сега е желен да го однесе своето искуство до повисок степен, односно да биде креаторот зад престолите и да ја започне своја линија во соработка со моќни продавници во Њујорк, како „Бергдорф Гудман“, „Фифт Авенју“ и онлајн луксузниот бутик за малопродажба „Мода операнди“.

На етикетата, скриена во сатенска обвивка, пишува: „Ателје Николас Каито за Ерве Пјер“, се мисли на сопственикот на малото њујоршко студио каде што на крајот од собата се наоѓаат неколку шивачки и кројачки во бели мантили. Пријателството на Николас и Ерве започнало кога и двајцата работеле во Франција и сега се партнери во компанијата. Тие се надеваат дека оваа мала колекција на елегантни фустани – шест кратки и шест долги, широки и тесни, со ракави или без – ќе им биде основа за градење бизнис.

Бидејќи првата дама стана сè поизложена пред јавноста, продавниците бараат од Ерве да го направи она што го правел додека бил во „Херера“.

За среќа, минатата година тој стана американски државјанин.

„Јас сега сум јенки дудл“, објави тој шеговито. „Живеев во Америка повеќе од 22 години и сега конечно имам американски пасош. Мислам дека немаше да смеам да работам за првата дама ако не го сторев тоа.“

Дизајнерот веќе долго време дискутираше со продавниците за да го поедностави изгледот на колекцијата на „Каролина Херера“ и објасни дека Оскар де ла Рента е тој кој го научил на важноста на практичното планирање.

„Оскар беше многу добар во модната реалност“, вели Ерве. „Тој ми рече да се смирам и да го научам бизнисот – немав ни 30 години кога стигнав во Њујорк – и тоа е она што го направив“.

Следеа петнаесет години поминати во „Каролина Херера“, но тие завршија со брутален крај. Иако дизајнерот е дискретен во врска со неговото заминување оттаму, неговите пријатели велат дека шпанската компанија за парфеми „Пуиг“, која е сопственик на брендот „Херера“, не се обидела да го поттикне да го преземе бизнисот како дизајнер и едноставно го отпуштила. Еден извор вели дека побарала од Ерве да создаде уште една скришна модна колекција за „Живанши“ во Париз, но тој одбил.

Така што тој станал невработен дизајнер во потрага по бизнис што би можел да го нарече свој. Шармот на Ерве Пјер лежи во тоа што тој го гледа светот на модата со многу позитивен став. Или можеби неговиот весел изглед датира од растењето во хотелот на неговите родители во Санскар, област за производство на вино во долината на Лоара во централна Франција. Воспитан од неговата мајка никогаш да не биде „необлечен“ во јавност, Ерве е познат на њујоршката авенија Медисон како човек со отмено палто, елек и можеби и цвет во реверот. И неговите родители биле горди на неговите достигнувања уште пред да почне да ја облекува првата дама.

„Се сеќавам кога го направив фустан за Рене Зелвегер, кога таа го освои ‘Оскарот’ за ‘Студената планина’. Таа го носеше овој фустан со огромна бела панделка на грбот“, вели Ерве. „Веднаш помислив на мојата баба и на моите родители кога видов дека една актерка чекори на црвениот килим во моја креација.“

А што е со Меланија Трамп, првата дама, облечена во креација на нивниот син, која сега е изложена во музејот „Смитсонијан“ во Вашингтон?

„Ме лазат морници“, вели Ерве. „Дури и да не сум уметник, ќе имам едно парче во музеј во оваа земја. И за 100 години луѓето ќе го гледаат тоа парче. Поинаку е кога се работи само за фустан. Но, она што го направив за инаугурацијата навистина ќе биде засекогаш“.