ЕП ракомет 2018: По голема драма Германија се спаси од пораз од Словенија

Голема драма на првиот натпревар од 2.коло во групата Ц се случуваше вечерва во загрепска „Арена“ по што Германија се спаси од пораз во дуелот против Словенија.

Словенците во текот на целиот натпревар го контролираа резултатот, а во првиот дел имаа и шест гола предност за на одмор да заминат со 15:10.

Во вториот дел актуелните европски прваци Германците се вратија во игра и успеаја да стигнат до израмнување. Во завршните 30 секунди, откако Германија израмни на 24-24, Словенците изведоа брз „центар“ по што постигнаа и гол за победа 25-24, но на сцена стапија судиите.

Германците побараа дополнително прегледување на снимката, по што судиите Пишон и Ревере од Франција, по десет минутна консултација и прегледување на снимката, се вратија на терен и му доделија црвен картон на Благотиншек што автоматски значеше и седмерец за Германија кој беше реализиран за конечени 25-25.

Овој исход и оди во прилог на Македонија, која доколку ја совлада Црна Гора во вечерашниот меч дефинитивно ќе го обезбеди својот пласман во главната (втора) фаза од шампионатот.