ЕП гласа за забрана на пластика за еднократна употреба

Франција– Европскиот Парламент денеска ќе гласа за предлог-забраната на пластика за еднократна употреба во ЕУ. Забраната се однесува на пластични прибори за јадење и пиење, сламки, стапчиња за уши и други слични предмети кои генерално ги загадуваат океаните и животната средина.

Експертите пресметаа дека седумдесет отсто од загадувањето во океаните произлегува од овој вид на пластика. Предлогот на Европската Комисија за кој гласа Европарламентот денеска оценува дека доколку помине законот ќе ја намали за половина употребата на овој вид пластични предмети, јави дописничката на МИА од Брисел.

Загадувањето на океаните ја чини европската економија некаде помеѓу 259 милиони и 695 милиони евра годишно и ги загрозува пред сѐ туристичкиот сектор, како и рибиловниот. Важно е да се напомене дека овие два сектора исто така произведуваат значајно загадување.

Според анкетите на јавното мислење, 74 отсто од европскиот граѓани рекле дека се загрижени за импактот на пластиката врз нивното здравје, а 87 отсто се загрижени за нејзиниот импакт врз животната средина.

Денешниот предлог-закон се фокусира на различни пристапи за намалување на загадувањето од пластичните производи. Па така, законот има за цел да ја намали употребата на пластични чаши и шолји, да воведе пазарни рестрикции за стапчињата за уши, сламките, стапчињата за балони, чиниите и приборите за јадење. Додека пак за одредени шишиња ќе бидат потребни посебни етикетирања поради капачињата. Влажните марамчиња исто така ќе бидат обележани при продажба. Паралелно земјите на ЕУ ќе треба постојано да воведуваат мерки за информирање и освестување на јавноста за опасноста од пластиката за еднократна употреба.

Според Европската Комисија, доколку помине директивата, загадувањето на плажите ќе се намали за четвртина, а ќе се избегнат 3,4 милиони тони ЦО2 емисии, додека потрошувачите ќе заштедат 6.5 милијарди евра преку намалување на штетите за животната средина.

Забраната би почнала да важи од 2021 година. Европарламентот ќе гласа попладнево.