ЕП во ракомет: „Фалангата“ на Раул против „фуријата“

Македонија на Раул Гонзалес против Шпанија на Раул Гонзалес е дербито на неделната програма во групата 2 во Вараждин во рамки на Европското ракометно првенство во Хрватска. „Црвено-жолтите“ од Балканот ќе влезат во дуел со „црвено-жолтите“ од Пиринеите како една од трите непоразени селекции на турнирот и како првопласирани во конкуренцијата. Влогот е огромен. Евентуален бод за националниот тим ќе значи уште еден исчекор за историја наречена полуфинале на ЕП за што ќе треба и триумф против Чешка која важи за „зицер“ во групата.
„На добар пат сме. Стоиме цврсто на земја. Имаме два дена за одмор. Добро ќе ги искористиме и се надеваме на нови радости и во Вараждин“, рече Кире Лазаров во обраќањето пред навивачите на нивното скандирање „полуфинале, полуфинале“.
Двете победи против Словенија и против Црна Гора и ремито со европскиот првак, Германија, според Миркуловски се повеќе од добра причина со други очи да се гледа на Македонија не само во продолжение на првенството туку и во иднина.
„Успеавме да завршиме како првопласирани во групата иако не очекувавме таков расплет. Ги натеравме ривалите да нè гледаат поинаку од досега и покажавме дека никому нема да му биде лесно против нас“, истакна средниот бек Филип Миркуловски.

Душебаев: Македонците играат сензационален турнир

Македонија во недела во арената во Вараждин ќе игра против репрезентација која во своите редови обединува добро познати ракометари на овдешната јавност. Првите пофалби за „црвено-жолтите“ на Гонзалес пристигнаа од поранешниот вардарец, Алекс Душебаев кој говори во суперлативи за наредниот ривал на Шпанија.
„Македонците прикажуваат сензационални партии на првенството. На клупата го имаат еден од најдобрите тренери во моментот во Европа со што се исполетни сите предуслови за одличен натпревар. Ќе биде предизвик за нас бидејќи ќе играме против тим со најмногу бодови со групата. Но, подготвени сме и ние и сигурно ќе поставиме тактика за освојување на бодовите во недела“, вели Душебаев пред шестиот дуел на Шпанија против Македонија. Досегашните пет завршија на страна на „црвената фурија“.

Премија од 30.000 евра за пласман во наредната фаза

Управниот одбор на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) пред поаѓање за Хрватска го одреди и тарифникот за премии на репрезентативците на ЕП 2018. Па, пласманот во главната фаза на Европското првенство значи 30.000 евра, сума што е поставена пред избраниците на Раул Гонзалес и за евентуален пласман меѓу најдобрите шест на шампионатот. Влез во полуфинале ќе значи дополнителни 100.000 евра. (С.Ѓ.Д.)