ЕЛЕМ е првиот клиент на изумот сензор за мерење на сончева енергија

Александар Момировски, Дамјан Постоловски, Јаков Докузов, Павел Ѓорѓиовски и Борче Ангеловски, млади истражувачи кои го открија соларниот сензор кој дава податоци колку сончева енергија има на одредено место, го започнуваат својот ангажман во ЕЛЕМ каде што ќе откриваат на која локација ќе може да се изгради фотонапонска централа.

Нивниот тим „Свифт“ пролетва победи на светскиот хекатон натпревар во Македонија, на aмериканската вселенска огранизација НАСА. Наредниот месец ќе го посетат „Кенеди спејс“ центарот на НАСА во Флорида, каде ќе го презентираат нивниот прототип – сензор за мерење на сончевата енергија. Во рамки на посетата, планирана е и средба со директорот за технолошки трансфер на НАСА, пред кого ќе го претстават сензорот за соларна енергија, а ќе имаат и средби со претставници на технолошки компании.

Петмината млади истражувачи, кои сега се студенти во прва година на ФИНКИ и на Машинскиот факултет во Скопје, како што најави денеска на прес – конференција, извршниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски, ќе бидат вклучени во проектот за изградба на фотоволтна централа. Нивна задача ќе биде со нивниот изум да откријат на која локација ќе биде најдобро да се изгради оваа централа.