Елаборат за куќа го доведе Бакрачески до тепачка

Поранешниот градоначалник на Охрид, Никола Бакрачески, бил инволвиран во тепачка во Охрид поради што бил повикан на разговор во полицијата, дознава „Независен весник“. Инцидентот се случил во понеделникот вечерта кога негови пријатели нападнале 38-годишен охриѓанец, нанесувајќи му повреди во главата. Причина, наводно, биле нерасчистени финансиски сметки. Настанот го потврдуваат од Министерството за внатрешни работи, од каде што велат дека истрагата е во тек.

Според информации од полицијата, настанот кај нив бил пријавен во понеделникот околу 23.45 часот кога С.Т. (38) се пожалил дека физички бил нападнат од три лица во пицерија на улицата „Кеј Македонија“ во Охрид. Петнаесетина минути претходно, тој отишол во угостителскиот објект каде што седеле четири лица, меѓу кои и Бакрачески. По кратко време, двајца од нив го нападнале С.Т. удирајќи го по главата и по телото. По извршениот увид, двајцата напаѓачи биле приведени, додека ексградоначалникот бил повикан на разговор во полициската станица во Струга.

Натепаниот охриѓанец побарал лекарска помош, по што бил пуштен на домашно лекување. Со потврдата за степенот на претрпените повреди, консултирал адвокат и сега подготвува тужба против напаѓачите. Тој вели дека тепачката е кулминација на измамата од страна на поранешниот прв човек на градот.

Пред година или година и половина поднесов барање да изградам куќа за живеење во населбата Рача. Бакрачески, кој тогаш беше градоначалник, ми вети дека целата работа ќе ја завршиме набргу, оти лесно ќе ги извадел потребните документи во Агенцијата за државни патишта во Скопје, а мене ми рече да почнам да градам. Нарачав камиони и земја, но излезе дека земјиштето не било чисто, па морав да престанам со градењето, при што едвај успеав да ги средам работите за да избегнам тужба. Кога видов дека ништо нема да излезе од договорот, побарав Бакрачески да ми исплати 42.000 денари, колку што платив за подготовка на елаборат за проектот. Пред некое време ми даде 20.000 денари, а за остатокот ми остана должен. Во понеделникот вечерта ми се јавија телефонски, ме разбудија од спиење за да дојдам во пицерија и да ги расчистиме работите. Не очекував дека ќе ме нападнат“, тврди С.Т. во разговор за „Независен весник“.

Тој вели дека не бил удрен од ексградоначалникот и оти тој само „навивал“ и им дофрлал на пријателите да го повредат. Бакрачески не се јавуваше на мобилниот телефон за да ја каже својата верзија за настаните.

Никола Бакрачески ја извршуваше функцијата градоначалник на Охрид од 2013 до 2017 година. На ланските локални избори воопшто не беше кандидиран од ВМРО-ДПМНЕ за втор мандат. Со промената на локалната власт се врати на своето работно место во Заводот за кардиоваскуларни заболувања во Охрид, но место шеф на Одделот за интервентна кардиологија, каде што беше претходно, беше распределен за раководител на Одделението за срцеви аритмии, што беше дочекано на нож во јавноста, имајќи предвид дека станува збор за одличен и признат доктор. Бакрачески обвини за партиски реваншизам. (Г.А.)