ЕК: Западен Балкан е меѓу приоритетите годинава

Европските комесари денеска разговараа за институционалните приоритети на Европска унија за 2018 година, а приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ беше една од темите.

– На својот прв состанок во 2018 година еврокомесарите ги разгледуваат институционалните приоритети за оваа година, година во која треба да бидат спроведени економските и монетарните реформи на Унијата, да се обезбедат границите на ЕУ, да се подобри системот за азил, да се врати Шенгенот, да се комплетира единствениот дигитален пазар и да се приближи Западен Балкан кон ЕУ, се наведува во соопштението по состанокот на европските комесари во седиштето на ЕК во Брисел.

Во соопштението се истакнува дека од 89 „приоритетни досиеја“ 29 од нив се завршени, а ЕК сака и останатите да бидат завршени до крајот на мај 2019 година.

Планирано е сите европски комесари в четврток да отпатуваат во Софија, каде в петок ќе разговараат со бугарските официјални претставници за приоритетите на бугарското претседавање со Советот на ЕУ.

Бугарија од 1 јануари годинава го презеде ротациското шестмесечно претседавање со ЕУ, а Софија веќе најави дека интеграцијата на Западен Балкан ќе биде еден од нејзините приоритети.