„Експрес“: Ердоган му се закани на Харадинај и ги повика жителите на Косово на протест

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган му се закани на косовскиот премиер Рамуш Харадинај дека ќе биде одговорен за менаџирањето на состојбата со депортираните турски државјани, пренесува приштинскиот весник „Експрес“.

Тој, го критикува Харадинај за разрешувањето на министерот за внатрешни работи и првиот човек на косовската тајна служба, АКИ, повикувајќи ги граѓаните на Косово да протестираат против него.

– Нашите тајни служби ги донесоа тука шесте членови на Ѓулен. Но многу се вознемирив кога разбрав дека се разрешени министерот за внатрешни работи и првиот човек на тајната служба. Еј,премиеру на Косово, кога почна да ги заштитуваш оние кои направија државен удар во Турција? Од кого доби наредба? Убеден сум дека народот на Косово, нашите браќа таму, ќе ти го дадат заслужениот одговор, изјави Ердоган напаѓајќи ги САД кои, според него го контролираат Харадинај.

Ердоган го поштеди од обвинувања претседателот на Косово Хашим Тачи, кој ја подржа акцијата на АКИ. Исто така Тачи за акцијата рече дека е превземена бидејќи ѓуленистите ја загорзувале нацоналната безбедност на Косово.

Шестмина турски државјани беа уапсени во четвртокот и по итна постапка протерани од Косово по одлука на МВР, кое ги поништило дозволите за нивен престој во Косово,откако АКИ во соработка со турската тајна служба заклучиле дека овие лица претставуваат национална опасност за земјата.

Медиумите наведуваат дека во Косово има уште најмалку 200 ѓуленисти.